“ФОЛК ФЕСТ ВЛАДИМИРОВО” ВО НОВО РЕНОВИРАНА САЛА ЌЕ ЈА ПРЕСТАВИ ПРЕМИЕРАТА НА 12 НОВИ ПЕВЛИВИ РЕФРЕНИ

“ФОЛК ФЕСТ ВЛАДИМИРОВО” ВО НОВО РЕНОВИРАНА САЛА ЌЕ ЈА ПРЕСТАВИ ПРЕМИЕРАТА НА 12 НОВИ ПЕВЛИВИ РЕФРЕНИ
јануари 29 21:13 2025

Новиот фестивалски проект што амбициозно беше најавен уште пред крајот на годината, веќе ја финализира својата содржина, па така “Фолк Фест Владимирово 2025”, на самиот старт од годинава може музички да се преслуша и да се ужива во новите дванаесет нумери, што се компонирани во духот на некогашните валандовски хитовски рефрени, препознатливи за осумдесетите години од минатиот век, кога песните имаа душа и кога македонската музика беше во подем.

Идејниот творец на овој фестивал и негов амблем, маестро Горан Алачки, вели дека подготовките се веќе при крај и дека е мошне задоволен од досегашната етапна реализација.

Како што дознаваме фестивалот ќе се одржи во селото Владимирово во фестивалската сала што го носи од скоро името на големиот диригент Ванчо Чавдарски, кој потекнува од истото место. Оваа сала која собира 400-ни посетители комлетно се реновира, а иницијативата ја спроведува здружението “Владимирски Илинденски Средби”, така што работите се речиси при крај, иако до самото одржување на фестовалот има уште цели 5 месеци.

Она што секако заслужува посебно внимание се композициите, односно песните, авторите и изведувачите кои спаѓаат во онаа елитна категорија на музичари. Сите 12 песни се засебни целини и го носат апсолутниот печат на изведувачот, така што посебни честитки упатуваме до продуцентите, кои мошне умешно ги поклопиле сензибилитетите на пејачите со тематиката и стлиот на песните, па уште по првите тактови може да се насетат пејачите. односно нивниот темперамент.

Така на пример мошне интересно звучи песната “Мирна река тивко тече” во изведба на Круме Спасовски која е своевидно продолжение на неговиот мега хит “Чудна жена беше Вера”, а и самата “Вера” се споеменува во рефренот, па публиката ќе може да ужива во една шеговита форма и во мелемната интерпретација на секогаш поднасмеаниот Круме.

Потоа староградската песна “Срце предавник”, во изведба на елегичната Зуица Лазовска, го носи оној носталгичен призвук на времето, а љубовниот текст ве освојува на прво слушање, додека пак боемската балада “Голем мерак имам јас” што ја изведува Горан Куќиќ, ја осликува неговата дружељубивост и песнопојност, исто како што неговиот продорен вокал ја потенцира традиционалната дружба меѓу пријателите.

Растреперениот и емотивен вокал, пак на уникатната и секогаш позитивна Жаклина Узунова, уште со првите тактови, живо ни го враќа во сеќавањето легендарниот Јанко Узунов, кој всушност е автор на композицијата “Засекогаш”, а преку песната е живо присутен на фестивалот. Иако Јанко не е меѓу нас скоро цела деценија, музиката ја има таа привилегија да го оживее, а овој фестивал ни го понудува неговото дело како своевиден куриозитет.

Следната нумера кога ќе ја чуете веднаш знаете дека ја пее хитовски пејач, а се вика “Еј жено ти” и ја изведува Благоја Грујовски. Дека темата е соодветно доделена на шармер и заводник не треба да нагласуваме. Едноставно самата изведба кажува дека на Благоја апсолутно му легнала песната.

Сепак песната што посебно се издвојува уште на прво слушање, е песната на распеаната и насмеана Ленче Кукиќ насловена “Ракија се пече”, која е толку штосна, духовита, певлива и весела што веднаш ви доаѓа да “дрмнете” барем по една ракија, дури и ако не сте љубител на оваа огнена напивка. Оваа песна претендира да биде своевиден хит на ракиџиите, а можеби и нивна химна.

Препознатливо квалитетниот вокал пак на Наум Петрески во свој домен ја донесува захтевната песна “Горо ле горо”, која го има оној изворно-традиционален македонски призвук и звучи како продолжение на легендарната “Зајди зајди”…

Како вистински преставник од Малешевијата на “Фолк Фест Владимирово” ќе го видиме и Ванчо Тарабунов, кој во свој стил шеговито и весело ја донесува песната “Јован Мераклија”, која е напишана на дијалект и звучи мошне интересно и забавно, а тука е и кумановскиот шармер Нино Величковски, кој овој пат избрал да испее една љубовна балада “Стара ламба”, во која на еден двосмислен начин пее за брачните должности меѓу сопружниците, потенцирајќи дека се во животот поминува, но љубовата мора да се практикува.

На “Фолк Фест Владимирово”, ќе настапи и струмичкиот бренд Перо Христов, кој за прв пат, после 55 години кариера и посветува песна на својата сопруга со автентичен наслов “Лилјано моја”. Песната е типично биографска и многу сликовиото ја преставува захвалноста што естрадните личности генерално треба да им ја изразат на своите партнери.

Инаку фестивалот го отвораат и затвораат две живи легенди кои со своето присуство дополнитено го подигаат неговиот рејтинг.

Па така на почетокот публиката ќе може да го види вонвременскиот Драган Мијалковски и да ужива во неговиот жанровско дводимензионален, забавно-народен вокал, а нумерата со која ќе стави печат на фестивалот се вика “Тука сум роден јас” и има печалбарска тематика, додека финалето пак е резревирано за песнопојното македонското грло на легендараната Виданка Георгиевска, која со изведба на патриотската “Наша Македонија” го затвора фестивалот, што ќе рече ја заокружува целата смисла на овој проект, чија суштина е да се истакне македонскиот бит и неговата автентичност.

Виданка исто како и Драган, со својата изведба ја запечатува фестивалската поента и со македонски белег го заокружува целиот проект кој е поддржан и од Министреството за култура.

Инаку, покрај авторските дела на Горан Алачки, кој комплетно потпишува повеќе нумери, како автори се присутни и Григор Копров, потоа пост хумно како што напоменавме е присутен и Јанко Узунов, но и Ванчо Тарабунов, а додека автор на еден текст е и Соња Јанакиевска, но и Виданка Георгиевска.

Горан Алачки ни призна дека повеќето автори биле инертни, односно не ја сватиле сериозноста на проектот, па истакна дека се надева следната година авторскиот соодност да се промени. Сепак, потенцира дека оваа година тој го поставува темелот на фестивалот што треба во иднина да се гради.

Во продолжение слушнете ги сите песни кои ќе бидат изведени на „Фолк Фест Владинирово“ 2025:

Пишува: Биба Крнческа

  Категории: