Со сите мерки и препораки на претпазливост од Ковид 19, здружението за планински спортови, туризам и млади„Патфајндерс“ со почеток во 11 часот во текот на утрешниот ден организира еднодневна промо планинарска тура под името„Малешевијата во доцна есен“.Заинтересираноста за оваа планинарската тура како што велат организаторите е голема, а се планира да се посетат неколку живописни предели кои ги нуди Берово, и Малешевијата.
Планинарската патека е во должина од 13,5 километри, а сите учесници и љубители на планинарењето треба да ги поседуваат основните потреби за планинарење.
Овој настан за Берово кое е идеално место за вакви доживувања е исклучителен затоа што ретко во ова време од годината, се случуваат вакви планинарски тури.
Инаку здружението за планински спортови, туризам и млади„Патфајндерс“ е новоформирано здружение кое има за цел да ги активира младите од Берово и да ги промовира планинските спртови, велосипедизмот, кампингот и офф роуд авантурите, додека во идниот период се надеваат дека ќе ги искористат одличните услови на Беровското езеро за повторно враќање на кајакарењето на мирни води.