Во малешевскиот регион се уште се негуваат и практикуваат традиционалните занаети: копаничарство, кујунџиство, ковачкиот занает и папукчиство. Дрвото е материјал со неограничени можности. Во малешевијата можете да видите како се изработуваат секаков вид на икони во византиска техника, комплетна иконографија, фрескопис и иконостаси од дрво. Иконопис: Ореовата даска се подготвува; на даската се лепи платно со туткал; се става грунт; се мазни; се избира продукција од канонските норми; се почнува со цртање на слоеви и се заштитува. Но тоа не е се. Сепак локалните зографи си имаат свои мали тајни. Копаничарите од Малешевскиот регион се познати и по квалитетната изработка на секаков вид резба – плитка, длабока, поткопана, ажурна и скулптурна, како и по разкошните декоративни елементи за ентериери. Уметничките слики се уште еден предизвик да ги посетите локалните уметници.
Кујунџиството како занает бил неразделен дел од секојдневниот живот на малешевци.Кујунџиите за да им олеснат на домакините оделе од село во село и ги кајалџисували бакарните садови.Папукчијствоето (чевларството) е занает со длабоки корени во Малешевијата. Се уште има наследници на првите папукчии во Берово, кои што доследно на нивните предци изработуваат и поправаат чевли за населението.Следењето на старите технологии и користењето на современите инструменти за создавање на огромна разновидност од разкошни производи са карактеристики на поголемиот број занаети во малешевијата.
Жените од Малешевијата како чувари на традицијата се уште со голем ентузијазам ја обработуваат волната од овци и кози и изработуваат облека и јамболии, килими, пешкири, черги и др.
Филцот е современа техника, но во Mалешевијата e позната од многу одамна како правење на “калчини“ (потколеници и елеци за комитите).
Потребата од заеднички настап ги испровоцира обработувачите на волна да се организираат и здружат во граѓански здруженија кои работат успешно и освен уживањето во своето хоби пронаоѓаат и економски интерес. Во општината постојат две активни организации на ова поле “Серафим“- Берово и “Ракотворби“ с.Русиново.
Традицијата е сила која поврзува! Традицијата е немир кој останува! Традицијата е историја на душата! Традицијата е она што не прави луѓе, и она што не прави единствени
За заживување на ковачкиот занает и вметнување и промовирање на изработките во современото живеење во Берово функционира и невладина организација која успева да ги вклопи традиционалното и потребата на современиот човек со вештите раце на ковачите кои освен вообичаените алати за работење (копачи, секири, лопати, рала..) изработуваат предмети кои наоѓаат примена во секојдневниот живот.
И во оваа сфера функционираат неколку активни граѓански здруженија. Кујунџиството и златарството како занаети биле неразделен дел од секојдневниот живот на Малешевци.
Следењето на старите технологии и користењето на современите инструменти за создавање на огромна разновидност од раскошни производи се карактеристики на поголемиот број занаети во Малешевијата. Современото темпо на живеењето и трагањето по здрав живот не враќа кон природата и неговите благодети, како и кон еколошки произведена и чиста храна.
Земското живеење подразбира благодет во однесувањето кон нештата, посветеност во организирањето на нештата, задоволство во вкусувањето на нештата. Ова поднебје изобилува со традиционални вредности во кујната надградувани со векови – храна и напивки приготвени со голема мајсторија но и со многу љубов, во чиј вкус чиниш нектарот на природата се воплотил и овозможува уникатно искуство на единствената убавина и вкус на зелникот, баницата, качамакот и т.н. Од пченично брашно се замесуваат леб, зелник, јуфка и тарана, баници – со сирење и јајца, со тиква или праз. Се уште во Малешевскиот регион може да се види како лебот се пече во домашна фурна. Од пченкарно брашно се прави качамак.
Млекото од овците, кравите и козите се преработува и се прават познатите малешевски специјалитети: Малешевско (Беровско) сирење, урда, биено сирење, кашкавал, матеница и др.
Од земјоделските производи познати се компирот и сливата како и преработката на сливата во сливова ракија. Пчелите што Малешевци ги одгледуваат го даваат најдобриот мед – планински и ливадски. Медот може да го вкусите и со многубројните додатоци како ореви, бадеми, лешници. Освен медот многу барани производи се и матичниот млеч и прополисот, кој наоѓа примена во лекување на разни болести.
Интересен за е и медот во саќе односно мед кој сеуште не е изваден од рамката во која пчелите го произвеле. Природата во Малешевијата благопријатно ќе ве изненади со својата дарежливост доколку сте љубител на она што се нарекува природни (шумски) плодови. Во зависност од тоа во кое годишно време ќе ја посетите Малешевијата, може да вкусите диви јагоди, капини, малини, боровинки, трнки, дренки или пак да понесете со себе разни лековити билки за чај (мајчина душица, бела рада, ајдучка трева, ….)
Од овошјето и шумските плодови се прават слатка, сокови и компоти со најразлични вкусови. Вистина, за Малешевската кујна е апсурдно да се зборува, таа треба да се вкуси.