Сопствениците на приватен недвижен имот од Берово не отстапуваат од барањата нивните имоти да се изземат од зоната на заштитено подрачје на Малешево.Се заканија дека ќе ја блокираат туристичката населба и патот кој води до езерото за време на Велигденските празници, доколку не биде повлечена или ревидирана одлуката за прогласување на заштитено подрачје на 11 000 ха шуми и земјоделско земјиште.
На денешниот протест пред општинската зграда, истакнаа дека најголем дел од земјиштето е во сопственост на приватни лица, а што се однесува до експлоатацијата на дрвната маса, велат дека тоа веќе е регулирано со Закон.Најпогодени се сопствениците на земјоделско земјиште на кои им е укинато правото на традиционална обработка. Поголемиот дел од заштитеното подрачје на Малешевијата е во приватна сопственост, велат сопствениците од Берово кои денес решение за проблемот побараа во локалната власт. Бараат целосно повлекување на одлуката или одредбите од неа да не важат за приватните парцели.
– Нашето барање пред се е да се повлече оваа одлука или барем да се ревидира таа одлука и да се сведе во подрачја каде навистина има потреба од заштита како што се месноста Мурите, изворот на реката Брегалница, планината Влаина, Ченгино Кале и ние немаме ништо против да се заштити.Меѓутоа да се заштитуваат подрачја каде се вршат земјоделски и сточарски работи не се согласуваме и барем во третата зона треба и мора да се повлече оваа одлука – рече Митко Механџиски сопственик на приватен имот во заштитеното подрачје „Малешево“.
По одржаниот состанок со иницијативниот одбор и присутните донесени се неколку заклучоци со што Општина Берово проблемите ќе ги решава со надлежните институции на државно ниво рече градоначалникот Звонко Пекевски Градоначалник на Берово.
-После напорниот состанок со иницијативниот одбор и жителите на Берово кои подолго време имаат проблем со сопствениот имот во заштитеното подрачје „Малешево“, изградивме неколку заклучоци, кои треба во најскоро време да бидат процесуирани од нас како општина до соодветните институции, да организираме состанок на кој би ги истакнале сите недоречени работи кои треба да бидат предмет на самиот состанок, во кој треба да се изгради заеднички став што понатаму со тие барања. Дали се издрќани, дали се основани, дали навистина треба да претрпи промена претходно донесената одлука, за да имаме задоволство во општина Берово и на заштитеното подрачје, истовремено и на граѓаните сопственици на имотот – рече градоначалникот Пекевски
Ова е проблем на околу 1500 жители на Берово, кои заради посебните услови за третман на заштитено подрачје, не можат да ги обработуваат земјоделските парцели како до сега и им се ограничува употребата на ѓубрива и хемиски препарати.
Во продолжение видео од протестот и состанокот во општината: