РЕПОРТАЖА:МААЛСКА СРЕДБА ТРАДИЦИЈА ВО НАСЛЕБАТА ЈУРУКО

април 16 14:00 2018

Стотици гости донесе старата традиција во маалото Јуруко во Берово врзана за празникот Богордица Балаклија. Во најстарото маало во Берово, познато по слогата на жителите, со посебен пиетет се слави верскиот празникот на првиот петок по  Велигден, познат меѓу беровци и како Беровска Богородица. Овде со години наназад  се одбележува и се слави овој датум. Нивната вековната традиција извесно време била прекината, но жителите се собрале и  одлучиле повторно да ја продолжат славата која сега е наречена Маалска вечер. Традицијата на оваа значајна вечер за жителите кои се староседелци во овој дел од Берово веќе 9 година по ред,  ја слават во чест и за здравје на сите што живеат во овој дел од Берово, за иселените, низ цела Македонија и насекаде низ светот.

Маалската вечер има организациски одбор, а подготовките започнуваат уште две недели пред Велигден, додека на самиот ден уште од рано наутро се спремаат котлите каде се прави храна за сите. Годинава беа поставени пет котли со традиционално беровско гравче, чкембе чорба и пилешка чорба. За да се одржи сета оваа манифестација, сите  жителите на населбата Јуруко се колегијални, па од секоја куќа се собираат симболични парични средства во износ од 300 денари. Традиционалната вечер на Јуруко е и препознатлива во соседните градови Струмица и Кочани, од каде се собрале донации и помош во храна за побогата прослава на овој празник.

Прославата започнува онака како што останало од дамнина со осветувањето на котлите, а се продолжува со забава, каде овој пат свој настап имаа и членовите на КУД „Димитар Беровски“, додека вечерта беше организиран и огномет.

Постарите жители се сеќаваат  дека токму на овој ден овде се одржувала слава и собор, каде имало луѓе од секаде. Баба Дана е сведок и на денешното случување, таа се сеќава дека овој ден бил посебен и секоја куќа колела јагне по повод празникот.

На традиционалната вечер беа присутни околу 300 луѓе кои со насмевки, дружење и со песни и ора посветија многу внимание и почит кон празникот и вечерта на нивното маало.

Маалската вечер во маалото Јуроко врзана за верскиот празник Богородица- Балаклија остави аманет на жителите да се продолжи традицијата. Велат, нека е здравје, догодина ќе се собереме повеќе и ќе ја направиме побогата прославата.

  Категории: