Во Берово започна акција за дислокација на дрвјата во коритото на река Брегалница и чистење на насобраниот талог под мостовите. Активноста ја изведуваат екипи на Јавното комунално претпријатие кои денес како што информираше градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски интервенираа на повеќе локации на барање на граѓаните. Пекевски соопшти дека како резултат на поплавите, на подрачјето на Општина Берово, регистрирана е поголема материјална штета, но за среќа како што додаде без жртви.
-Денес временските прилики се подобри настојуваме речното корито особено мостовите да бидат ослободени од насобраниот материјал, со цел да го намалиме ризикот од нивно оштетување. Имаме оштетување на потпорниот ѕид на патот Владимирово – Мачево од исклучокот од регионалниот пат помеѓу Виница и Берово. Имавме поплаки од граѓани за оштетени и поплавени имоти во село Двориште. Бевме со механизација на Јавното комунално претпријатие со што опасноста е отстранета, а протокот на вода е овозможен, рече Пекевски.
Додаде дека опасност во моментот има на одредени патни делници поради што апелираше возачите да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.
-Утрово дел од локалниот пат кај Студенец беше оштетен и непрооден, поради излевање на Дворишка Река. Истите се отстранети, таму имаше свлечишта кал кои се отстранети со помош на механизација од Гранит, така што во моментот патиштата се проодни. Има оштетувања на одредени делници, каде се поставени хоризонтална и вертикална сигнализација и апелираме да се внимава на овој патен правец, се со цел да не се појави нов дополнителен проблем, додаде Пекевски.
Согласно можностите на Општината и со ангажирање на механизација од Јавното претпријатие и поддршката на општествено одговорни компании изрази уверување дека ќе се надминат сите проблеми со поплавите на територијата на Општина Берово.