Се одбројуваат последните десет денови од Рамазан. Џамијата “Мехмет Бег ” во Берово, преполна како и секоја година, каде голем број верници муслимани од Берово, секојдневно ја посетуваат и духовно се надградуваат, во заедништво, разбирање и задолжителните прописи на пост и дневните пет намази.
Рамазан е еден од најважните месеци за муслиманите. Тоа е време кога ги зголемуваме ибадетите, духовното чистење и правењето други добри дела. Во светлина на Аллаховата љубов и милост кон нас, секое добро дело во рамазан се наградува повеќекратно. Возвишениот Аллах објавил во Куранот: „Ние почнавме да го објавуваме (Куранот) во ноќта Кадр! А што мислиш ти, што е ноќта Кадр? Ноќта Кадр е подобра од илјада месеци. Во таа ноќ мелеците и Џибрил, со одобрение од Господарот свој, се спуштаат поради секаква одлука. Сигурноста е во неа сè до појавата на зората.“ (Куран, 97:1-5)
Последните 10 дена и ноќи имаат уште поголемо значење. Овие денови се можност да ги искористиме благодетите на рамазан и да бараме спас пред да дојде Бајрам.
Лејлетул Кадр
Лејлатул Кадр е ноќта во која Куранот му беше објавен на Пратеникот Мухамед ﷺ а настапува во една од последните десет ноќи на рамазан. Исто така, се верува дека тоа е ноќта во која Аллах покажува голема милост кон Своите созданија и ноќта во која се одредува судбината. Аллах вели во Куранот: „Ноќта Кадр (одредба) е подобра од илјада месеци.“ (Куран, 97:3) Тоа значи дека кога ќе се направи добро дело на Лејлетул Кадр, тоа е како тоа дело да е правено повеќе од 1.000 месеци.
Точниот датум на Лејлатул Кадр ни е непознат, иако знаеме дека се паѓа во една од непарните ноќи во последните 10 дена од рамазан (на пр. 21-ва, 23-та, 25-та, 27-та или 29-та ноќ). Пратеникот Мухамед ﷺ рекол: „Барајте ја Лејлетул Кадр во последните 10 дена, во непарните ноќи.“ (Хадис, Бухари и Муслим). Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, рекла: „Пратеникот ﷺ даваше сè од себе (во ибадет) во последните 10 дена (од рамазан), повеќе отколку во други времиња.“ (Муслим) Повеќе намаз и рецитирање на Куранот
Искрената молитва и дова за прошка, читањето на Чесниот Куран, испраќањето салавати и клањањето нафили се примери за доброволни и убави ибадети во секое време, а особено во овие ноќи. Пратеникот ﷺ стоел на намаз во текот на последните десет ноќи од Рамазан, молејќи за прошка, а за ноќта Кадр рекол: „Кој ќе ја помине ноќта Лејлетул Кадр во ибадет, ќе му бидат простени неговите претходни гревови.“ (Бухари) Во овие последни денови, важно е максимално да ги искористиме благодетите на рамазан и да правиме ибадети колку што можеме.
Кога Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, го прашала Пратеникот ﷺ: „Кога би знаела дека настапил Лејлул Кадр, која дова да ја упатувам кон Аллах таа ноќ?“ Пратеникот ﷺ ѝ одговорил: „Кажи: Аллахумме иннеке а’фуввун тухиббул ’афва фа’фу ’анни!“ Превод на оваа дова: „О, Аллах, Ти со Оној кој сака да простува, па те молам да ми простиш.“
Давање садака во последните 10 ноќи
Последните 10 дена од рамазан се можност да се добијат повеќекратни награди со давањето милостина за да се бара Аллаховото задоволство. Наградите за давањето садака за време на рамазан се множат со 70, а наградата за секое убаво, добро дело за време на Лејлатул Кадр е еднаква на истото како да се прави повеќе од 83 години!
Пратеникот ﷺ рекол: „Садаката го гаси гревот како што водата го гасне огнот.“ (Хадис, Тирмизи). Тој исто така рекол дека Аллах нуди олеснување на Судниот ден за оние кои даваат садака: „Сенката на верникот на Кијаметскиот ден ќе биде неговата садака.“ (Тирмизи).