Премиерот Оливер Спасовски по денешната владина седница на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека следејќи ја моменталната епидемиолошка состојба со Ковид-19, како и препораките на Комисијата за заразни болести донеле одлука за зголемена рестрикција на движењето на граѓаните за време на претстојниот празничен викенд.
„Се забранува движењето на сите граѓани на целата територија на државата почнувајќи од недела, 24 мај, во 11:00 часот до вторник, 26 мај, до 05 часот. Во сабота, на 23 мај, забраната за движење останува иста како и за сите други денови, од 19 часот до 05 часот наутро“,напиша Спасовски.
Инаку муслиманите го празнуваат верскиот празник Рамазан Бајрам. Исламската верска заедница соопшти дека ја информирала Владата и Комисијата за заразни болести дека нема да почитува евентуален полициски час за време на Рамазан Бајрам, нема да ги откаже молитвите и нема да ги затвори џамиите, но ќе се придржува до препораките за заштита – физичка дистанца и носење заштитни маски.