Партизираноста во полицијата- клучен проблем.

Партизираноста во полицијата- клучен проблем.
септември 21 19:41 2020

Партиската поделба на раководните позиции во безбедносниот сектор укажува на долгогодишниот проблем со партизираноста на полицијата, велат аналитичарите. Одреден исчекор во реформите постои, но недостасува подобрување на системот на вработување и оценување на работата на полицајците, велат тие.

Тетовски началник член на ДУИ или кадар на СДСМ, кому ќе му припаднат директорските позиции во Бирото за јавна безбедност и Финансиската полиција, клучни оперативни позиции во полицијата и финансиското разузнавање се дел од политичките шпекулации во медиумите изминатава недела. До сега директор на Бирото за јавна безбедност беше Сашо Тасевски кој јавноста го запозна на 27 април кога, како обезбедување на тогашниот технички министер Оливер Спасовски застана во одбрана на пратениците при нападот од насилниците со фантомки. На директорската позиција во Финансиската полиција досега беше Арафат Муареми кој на таа позиција дојде од истражител во СЈО, а претходно работел како инспектор во Финансиска полиција.

Аналитичарите и луѓето од оваа бранша предупредуваат дека на овие позиции треба да бидат поставени квалитетни кадри наместо луѓе кои се резултат на политички пазар.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во телевизиски интервју за Канал 5 неодамна изјави дека промените во раководната структура на МВР се категорија која не престанува никогаш и дека секаде каде што ќе има слаба алка ќе дојде до промена на раководни структури. На прашањето дали се знае од чии редови ќе биде директорот на БЈБ, одговори дека македонската полиција е институција во која политиката не треба да се меша со влијанија и интереси.

Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека промените во полицијата мора да се прават внимателно и само со дисциплински постапки за да се утврди одговорност при евентуална промена на позиција, затоа што досегашното искуство покажува оти секој надреден што ќе дојде во институција ги прераспределува полицајците според тоа кому се политички блиски. Според него, искуството покажало дека честопати полицајци се потргнувани настрана без задачи или пак, прераспределени на пример од инспектор во крим- полиција во раководител на смена во гранична полиција, затоа што до таа позиција стигнале во времето на претходната власт, па со тоа да се одбегне прелевање на информации кон една или друга политичка партија, вели Ѓурчески.

„Значи министерството за внатрешни работи е исполитизирана институција во која што сега од 20 инспектори. 5 работат, кои што му се поверливи на старешината, затоа што со него ќе ја завршам работата, оти тој е наш. Господа, во примената на законите нема наши и ваши, сите таму работат за плата и се должни да си ги извршуваат работните задачи согласно закон и прописи кои владеат во министерството за внатрешни работи,“ вели Ѓурчески.

Тој додава дека во МВР се потребни реформи од корен во кои е неопходно да се „претресат “ одредени закони и правилници, да се сменат за да се создадат услови за професионализација и реална оценка на полицајците за постигнатите резултати и завршените задачи на секој полицаец поединечно.

Професорот Стефан Буџаковски додава дека клучниот проблем во безбедносните структури е политизираноста на кадрите. Од една страна, постигнат е одреден напредок во реформирањето на целокупниот безбедносен сектор во делот на реформирање на УБК и создавање на ОТА.

“Има исчекор, но проблем се кадрите што се примаат политички, без желба за работа. Како социјална служба стана.Вработи го колку да е вработен и делењето на политички наредби. Системот треба да се подобри цел“ вели тој.

Министерот Спасовски неодамна најави дека ветингот во полицијата ќе продолжи, но и дека ќе бидат спроведени реформи со кои ќе се зголеми контролата врз работата на полицајците со поставување на камери на нивната униформа, за како што вели, да се избегне селективноста и неказнивоста. Тој во презентирањето на неговите приоритети призна дека полицајци комуницираат со сомнителни структури и ги известуваат за определени акции.

„Зборувам за овие неколку дена, откога дадов наредба и задача да започнуваат со контроли врз основа на планови кои ги изготвуваат секторите за внатрешни работи, веднаш се случуваат одредени јавувања на полициски службеници на структури и таканатаму, впрочем тоа е менталитет кој е креиран кај нас и тоа мора да го тргнеме“ изјави Спасовски.

Во програмата на Владата не се опишани реформите планирани во престојниот мандат, но во мандатното писмо на Спасовски се наведени 21 точка ,според која, ќе треба да се извршат промените во полициските редови. Меѓунив се наведени и и општи очекувања како борба против организиран криминал и корупција, но и детални барања- како да се заврши зградата на крим-полиција и форензика, да се стави во функција бетонскиот систем во облик на прстен кај Прилеп кој ќе биде резервна база на поадтоци на МВР, а се бара и завршување на проектот со кој на границите да може дигитално да се читаат регистрациите.

Извор:Слободна Европа

  Категории: