Паркинг просторот кај градинката „23 Август“ во Берово, кој како приоритет беше изгласан од страна на граѓаните во рамки на Форумите во заедницата, денес доби нов лик. Поради немање техничка документација во изминатата година, проектот кој предвидуваше реконструкција и асфалтирање, како што информираше беровскиот градоначлник Звонко Пекевски се реализираше во оваа буџетска година.
Средствата за реализација на проектот како што додаде Пекевски се обезбедени од општинскиот буџет.
Од Oпштината додадоа дека покрај подобрување на пристапот до градинката изградбата на паркингот е од огромно значење и за жителите на околните станбени објекти кои ќе имаат подобар пристап до местото на живеење, како и олеснување за пазарџиите кои во четврток просторот го користат за паркирање на своите возила.