Зградата во центарот на Берово, поточно кино салата, повеќе години е во распаѓање, запуштена и оставена како нем сведок за убавите спомени од едно убаво време, каде се случувале културните и значајни настани во градот. Последните неколку генерации на млади Беровчани, израснаа во средина каде немаа и сеуште немаат можност, да отидат во кино, на театар, немаат каде да го искажат својот културен талент и да работат во на негово усовршување во соодветен простор за млади, за која цел е наменета и оваа зграда.
Оваа кино сала е значајна за Берово и цела Малешевија, каде на времето сите познати звезди и музички групи од југословенските простори, имале свои концерти, се прикажувале кино проекции од најновите филмови и безброј други култни настани биле одржувани токму во оваа зграда.
За овој белег на Беровчани да се навратиме малку наназад. Во 1947 година, бил набавен кино-апарат и било основано „Кино Малеш“ кое на почетокот работело самостојно, а потоа се припоило кон Домот на културата „Димитар Беровски“ во Берово. Во него по неколку пати во денот се изведувале филмски проекции, со што Беровчани биле во тренд со светската и домашна кинематографија. Денес сето тоа е само бледа слика, а во кино салата веќе долго време нема проекции, ниту пак е во функција. Слободно можеме да кажеме дека внатрешноста е идеален простор за снимање на хорор филм.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на сегашниот градски татко, Звонко Пекевски, во неговата програма од првиот мандат, беше ветена од негова страна за повторно нејзино обновување во Дом за млади и ставање во функција до 2020 година. Но, тоа не се случи. На почетокот на 2021 година, порталот Малеш Нет, кој ја мониторира оваа тема за ова значајно место за младите во Берово, во разговор со градоначалникот Пекевски, го актуелизираше ова прашање, па општината излезе со соопштение дека во рамки на проектот ,,Градење на капацитетите кај општините за имплементација на проекти”, кој го спроведува УНДП, преку Фондот за техничка документација, од првиот повик, Општина Берово, доби проект за изработка на техничка документација, за изградба на мултифункционална сала, на локацијата на постоечката кино сала.
ДАЛИ КОНЕЧНО ЌЕ СЕ РЕНОВИРА КИНО САЛАТА ВО БЕРОВО.
(Програма на актуелниот градоначалник Пекевски, каде е предвидена изградба на Дом за Mлади до крајот на 2020 година)
Иако ова барем малку донесе надеж за конечно обновување на кино салата во место за младите, сепак до ден денес и во вториот мандат на градоначалникот Пекевки, ништо не се случува, а зградата и понатаму е оставена на забот на времето и желбата на Беровчани за нејзино профункционариње.
Деновиве порталот Малеш Нет, повторно ја актуелизира оваа тема, па го запрашавме градскиот татко, за неговото ветување и кои се плановите за легендарната кино сала во Берово.
– Жал ми е што некои проекти не можевме да ги изработиме, бидејќи имавме изработено дукументација, межутоа во услови на пандемија, криза, еден таков објект кој не дава можност за одржливост, а чини многу пари, сакам да ги запознаам граѓаните дека станува збор за проект кој чини милион и половина илјади евра (или 90 милиони денари), за целокупната изградна на новиот дом и ентериерот. Годинава преку програма за капитални дотации од Министерството за култура, побаравме да бидеме вметнати во неа, меѓутоа целата програма чинеше 40 милиони денари, а само првата фаза за која сакавме да аплицираме и која беше наша намера да се направи објектот во карабина чинеше 30 милиони денари. Беспредметно беше од обезбедени 50 милиони денари за целата програма, Берово да добие 30 милиони денари, ценејќи дека нашиот проект чини многу, наспроти малите средства кои ги нуди како можност Министерството за култура, ја повлековме апликацијата, бидејќи некаде околу 60% од средствата требаше да ги добие Берово, што е некоректно за потребите за изградба на проекти на ниво на државата – рече градоначалникот Звонко Пекевски.
Со обидите и ветувањата во последните осум години на општина Берово, можеме да заклучиме дека обновата и изградбата на планираниот културен Дом за млади, останува надеж и проект за иднината. А дотогаш секојдневно ќе поминуваме покрај кино салата и ќе си споменуваме за урбаните случувања на времето на ова место.
Во продолжение најновото интервју на тема за кино салата во Берово со градоначалникот Пекевски: