Целосно затворање на кафеаните и кафулињата и полициски час од 20 до 5 часот, било предложено на денешната седница на Централниот кризен штаб, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од штабот.
Ваквата одлука, според изворите, следува по зголемениот број на новозаразени и смртни случаи од ковид-19, како и преполнетоста на болничките капацитети и се очекува да биде изгласана на денешната седница на Владата.
Предлогот на Централниот кризен штаб е овие мерки да почнат да важат од утре. Досега, угостителските објекти работеа до 21 часот, а полицискиот час почнуваше од 22 часот.
Вчера беа регистрирани уште 35 починати, како и нови 734 случаи на ковид-19 од направени 3.246 тестирања. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.
Во ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.
(Сакам да кажам)