ОДРЖАН ИНИЦИЈАЛЕН СОСТАНОК ВО БЕРОВО ЗА ПРИДВИЖУВАЊЕ НА РАБОТИТЕ ЗА ОТВАРАЊЕ НА ГП “КЛЕПАЛО”

ОДРЖАН ИНИЦИЈАЛЕН СОСТАНОК ВО БЕРОВО ЗА ПРИДВИЖУВАЊЕ НА РАБОТИТЕ ЗА ОТВАРАЊЕ НА ГП “КЛЕПАЛО”
мај 16 22:04 2022

Придвижување на состојбите за отварање на граничниот премин Клепало, беше целта, на денешниот состанок на работната група на експертскиот тим на мешовитата комисија, составена за отворање на Граничниот премин ,,Клепало”.

Денес, во Бизнис инкубаторот, во Берово, заедно со претставници од Програмата за прекугранична соработка, INTEREG IPA Бугарија-Македонија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски, од РС Македонија и од Бугарија, преставници од Царинската управа , Градоначалниците на општина Берово и Струмјани, се одржа иницијален состанок за придвижување на работите за отварање на граничниот премин Клепало.

Преку Програмата за прекугранична соработка, INTEREG IPA Бугарија-Македонија, која што има компонента, за стратешко одобрување, за финансирање на проекти од национален интерес во пограничниот регион, предвидени се средства за реконструкција на инфраструктурата, на граничниот премин Клепало.

Во врска со самиот начин на функционирање на граничниот премин, разгледани се како можности, 2 варијанти за работа: функционирање со еден граничен премин и 2 посебни премини на бугарска и македонска страна.

-Разговаравме со сериозен пристап и конечно воспоставување на план со динамика на реализација на вечниот сон на Беровчани, при што најпрво секако е потребно да се пристапи кон ренонструкција и доизградба на патната инфраструктура од двете страни на границата и секако реконструкција на постоечките објекти, рече Пекевски.

Пред состанокот, сите присутни, заеднички извршиле увид на состојбата, на лице место, на граничниот премин Клепало.

-Отварањето на граничниот премин Клепало е децениски сон на граѓаните на општина Берово и се трудиме да направиме се, колку што е можно поскоро, истиот да биде отворен. Се надевам дека во догледно време ќе се воспостави динамика на реализација на активностите и истата во скоро време ќе вроди со плод. Истовремено морам да истакнам дека има уште многу за работа, која треба заеднички да ја движиме со локалните и централните власти од двете држави, додаде Пекевски.

Отварањето на граничниот премин ,,Клепало” е од големо значење за Берово, ќе се овозможи подобра комуникација, на граѓаните од двете страни на границата, размена на идеи, развој на економијата и туризмот и можност за нови вработувања и подобрување на социо-економската положба на граѓаните.

Следен состанок, на кој што ќе се воспостави план со динамика за реализација на активностите, е закажан за 25 мај, во Скопје.

  Категории: