Голем број Македнонци и македонски здруженија во Германија, на празникот Прочка, се собраа на големиот настан на македоноската дијаспора поповод успешно завршениот мандат на конзулот Боро Мирчески. Настанот беше организиран во германскиот град Солинген од страна на македонското здружение 11 Октомври од истоимениот град, потпомогнати уште од неколку македонски здруженија и црковни одбори ширум Германија.
На организираниот собир на македонската дијаспора исто така присуствуваа и македонскиот амбасадор во Берлин г-дин Илбер Села, генералниот конзул од Минхен, Јулијана Николова и голем број интелектуалци кои дадоа придонес за оваа манифестација.
Успехот на конзулот Мирчески во Германија, беше крунисан со почесни и пофални зборови за неговата значајна улога, која несебично остави белег врз секој Македонец. Неговиот тригодишен мандат како конзул од конзулатското одделение во градот Бон, ќе биде запаметен како еден од најуспешните, со неговата пожртвуваност, големо срце и неговите постигнувања.
-Боро е голем човек, прекрасен татко и голем пријател, неговото срце е многу широко подготвен е да помогне секому и секаде во секој момент без да очекува нешто за возврат, а тоа е неговата најголема доблест. Иако денес сме овде за да го испратиме, сигурни сме дека допрва ќе слушаме за неговите подвизи и постигнувања – беше истакнато на настанот.
Во своето обраќање пак, конзулот Боро Мирчески им се заблагодари на сите кои придонесоа за развој и унапредување на Македонците во германското општество на секое поле и гордост што заеднички рамо до рамо ги поместиле границите на невозмжното и постигнатиот успех, што предизвика сентиментално чувство на радост и емпатија меѓу присутните.
-Сакам да им се заблагодарам на тие луѓе, кои верувам секојдневно во секоја секунда не гледаат од небесната ширина и се и се горди какво потомство оставиле. Јас сум многу горд, што сум имал вистински луѓе рамо до рамо со мене да ме научат на вистинските животни вредности, да ме научат што значи љубов, емпатија, разбирање, сочувство и тн. Неопшлива е болката и чувството што во моментот не ги гледам до мене и колку е тешко што и тие не можат да го видат ова што денеска го направивте вие за мене. Ви благодарам од за целата споделена љубов, енергија и емпатија. Со ова докажавме дека заедно можеме да поместиме граници, да создадеме историски моменти и да креираме незаборавни спомени. Ви благодарам за неверојатните три години во кои заедно со вас, станав подобар човек и поголем професионалец во својата работа. Останете уникатни какви што сте и ширете добрина секогаш кога за тоа имате можност. Да сте здрави и живи и чувајте ми се – рече конзулот Боро Мирчески.
Од големиот број членови на здруженија кои беа на настанот, со свое присуство учествуваа и нашите пријатели од македонскиот клуб „Македонска Зора 93“ од градот Офенбург. Исто така на манифестацијата од страна на конзулот Боро Мирчески, беа додели неколку благодарници за посебен развој и придонес на македонската култура и традиција и меѓусебната комуникација на дијаспората со својата матична земја Македонија.
Меѓу наградените беше и македонскиот клуб „Македонска Зора 93“ од градот Офенбург, кои добија благодарница за соработката со конзулот Мирчески во заедничката афирмација на македонската култура и традиција во Германија, како и голем број културни и спортски друштва од Дизелдорф, Дортмунд, Солинген, Трир, Маинц, Берлин и др.
За свој огромен придонес, награда доби и една од најголемите група на социјалната мрежа Фејбук, познатата Македонци во Германија, како и Македонската ромска заедница во Вупертал.
Собирот на македонската дијаспора во градот Солинген во Германија, беше придружена со коктел забава и настап на македонски културно-уметнички друштва и артисти на традиционални македонски инструменти.
Иако сетнтиментален, на настанот се прослави успехот на Боро, најнапред како личност, борец и бунтовник за македонската кауза во Германија, во заедничака соработка и верба во него од целата македонска дијаспора, а заклучокот е дека неговиоте успеси допрва доаѓаат било каде да се наоѓа. „Боро е наш конзул, а ние сме негови“ е пораката која беше испратена од присутните на настанот, со желби за повторно враќање на неговата благородна мисија како конзул на сите Македонци во Германија.