Одлични ученици насекаде, освен на меѓународните тестови!

Одлични ученици насекаде, освен на меѓународните тестови!
јуни 17 15:50 2022

Одлични ученици колку сакаме, а на меѓународните тестови сме катастрофа! Тоа е сликата која се добива кога ќе се погледнат насловите за уписите во средните училишта, кои се во тек.

Според нив, испаѓа дека огромен број на завршените основци се одлични, со сите петки. На пример, само во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, за 285 слободни места се пријавиле 400 ученици, од кои 330 се со сите петки, а останатите се со по една до две четворки. Ова е слика која помалку или повеќе, според информациите од средните училишта, е честа. Тоа покажува дека основното образование најголем дел од учениците го завршуваат со одличен успех, што би значело дека имаме навистина квалитетни генерации. За жал, тоа не се потврдува кога станува збор за меѓународните проверки на знаења.

Години наназад, само на ПИСА тестовите, нашите ученици се со лоши резултати. Најголем дел од истражувања покажуваат дека нивото на писменоста ни е ниско, а последниот попис донесе загрижувачки податоци во поглед на бројот на лица кои немаат комплетирано образование. Образовниот систем ни се бори со партизираност, штрајковите се редовни пред почетокот на секоја учебна година… Наставниот кадар е вечно незадоволен, а родителите реагираат на константните незавршени образовни реформи… Да не говориме за реакциите на кои се изнаслушавме и изначитавме во двете години пандемија, онлајн образованието, коментарите за подготвеноста или неподготвеноста на наставниците…

На толку проблеми, на толку незадоволство, одлични ученици колку сакате! „Сите петки“ како да е имиџот на нашето образование!

Колку се реални безбројните петки на основците, може само да се претпоставува. Дали навистина толку се одлични учениците, или пак наставниците немаат механизам да се „одбранат“ од „нападите“ од родителите кои сакаат нивните деца да се одлични?

Одлични ученици – реалност или плод на врски и познанства?

Најверојатно не се ослободивме од навиките да фаќаме врски за повисоки оценки, наоѓајќи најразлични канали да стигнеме до наставниците, со стандардната приказна „сите други оценки се одлични, уште од тебе да му ја поправиш….“. Нормално, сето тоа проследено и со одредена доза на подмитување, подароци, ветувања… Истите тие кои бараат бврски, кои ќе „ископаат“ сокласник од средно кого не го виделе и поздравиле со години, ама сега виделе дека е близок со некој наставник, меѓу две ургенции активно коментираат колку тоа образованието не чини, колку има партиски вработувања, колку не ја бива работата, колку има корупција…. Ако пак се случи да налетаат на некој принципиелен наставник, тешко нему, може да се соочи со притисоци, проблеми, закани, од „нашите“ или „вашите“…

Извор: Гоце.мк

Автор: Тони Михаилов

  Категории: