На состанок одржан во хотелот „Мајбери“ во Свети Николе, дваесеттина новинари од источниот регион, членови на регионалниот актив на новинари „Исток“, ги избраа најдобрите во повеќе категории кои со својата работа, успешни резултати и посветеност придонеле за развојот и угледот на регионот во нашата држава а дел од нив и во странство. Ова беше десетти, јубилеен избор.
Добитници на признанијата по категории се:
Општествена одговорност: Доброволно противпожарно друштво Кочани, формирано 2021 година, има 50 членови, меѓу нив и жени, досега учествувале во гаснење на 104 пожари, имале 6 еколошки акции, организирало 17 обуки и седум крводарителски акции. Минатата година успешно се справиле со поголем број предизвици заштитувајќи животи и имот на граѓаните и заедницата.
Стопанство: Адиент Сеатинг-Штип, компанија за производство на навлаки за автомобилски седишта која има 1.400 вработени. Минатата година Адиент го доби признанието „Тоp Employer“, односно „Врвен рабодавач“ највисокото европско признание за остварувања на полето на благосостојбата на вработените
Здравство: ПЗУ „Прим.д-р Самарџиски“-Штип. Оваа приватна здравствена установа минатата година одбележа 25 години постоење, успешна работа и развој, а во моментот работи со четири тима матични лекари, интервенции во областа на интерната медицина со модерни и ефективни медицински апарати, а тука е и најсовремената лабораторија.
Образование – Меѓународен Славјански универзитет кој годинава одбележува 20 години постоење и успешна работа во нашето високо образование. Има два кампуса – во Свети Николе и во Битола, денес нуди 22 студиски програми на додипломски и постидпломски студии. Над 3.500 студенти на Славјански се имаат стекнато со меѓународно признание дипломи, а тука студираат и млади од Хрватска, Бугарија, Индија, Грција, Србија, Црна Гора, Албанија, Турција…
Наука – Проф. Д-р Орце Симов, доктор по информатички науки, роден во М.Каменица, еден е од првите во Македонија кој на млади години покажувал неверојатен афинитет кон овие науки, преку курсеви оспособил над 500 млади од Виница, Делчево, Каменица и Кочани, работи како професор на Славјански и е актуелен претседател на ИКТ комората и потпретседател на Сојузот на стопанските комори на Македонија каде е еден од основачите.
Спорт: Кам баскет, женски коѓаркарски клуб од М.Каменица кој стана првак на Македонија во минатата година
Планинарски спортови: Чупино Траил – Виница, креација на здружението за планински спортови „Чупино“, организатор на трки на теренот на планината Плачковица од с. Блатец до врвот Чупино со висинска разлика од 1.000 метри, а на овие трки учество земаат натпреварувачи од 15 држави.
Спортски амбасадор: Бојан Миовски, фудбалер.
Здружение на граѓани:Планинарски спортски клуб „Голак“-Делчево и Спортско планинарско друштво Пробиштип. .
Медиуми: Радио Кочани, едно од само двете радија во регионот кои функционираат над 60 години, а остана да зрачи во етерот благодарени на упорноста и посветеност на двајца новинари од Кочани кои му го продолжија животот.
Странска амбасада: амбасадата на Јапонија, која во текот на 2023 година донираше во здравствена и друга опрема на општини од регионот.
Животно дело: Славчо Сирачевски (постхумно) за неговата посветеност во развојот на современ туризам во Малешевскиот крај.
Хуманитарец на годината: Миле Велков од с. Тработивиште, делчевско, за повеќе хумани работи, поставување сообраќајни знаци во селото, уредување на црковниот двор и правење трпезарија, хортикултурно уредување на селото и сето со свој труд и свои средства и поддршка од хумани граѓани каде тој се јавува како организатор.
Новинарите не се договорија околу тоа кој треба да го добие признанието за посебни остварувања во културата, па изборот ќе биде извршен дополнително.
Свеченото доделување на признанијата ќе се одржи кон крајот на месец јуни во реновираниот хотел „Мајбери* (поранешно Овче Поле) во Свети Николе.