Бојкотот не е опција зошто станува збор за исклучително важна операција. Тој е граѓанска обврска и е задолжителен, рече владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција во врска со најавената статистичка операција. Тој додаде дека според Кривичниот законик (КЗ), санкциите можат да бидат парични, но и со затворска казна од една до пет години.
Притоа, Арсовски го цитираше и членот 387 од КЗ кој вели – тој што ќе организира други форми на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
– Бојкотот е и кривично дело, оттаму секој повик на бојкот подлежи на закон, а институциите ќе го применуваат во таков случај. Законска основа за казнување, вклучувајќи и затвор, е делото „организирање на отпор и непослушност кон законити мерки на државен орган“ – истакна владиниот портпарол.
(Нова Македонија)