Неколку младинци од Берово, деновиве изработија мурал со кој ги овековечија македонските херои кои загинаа во конфликтот во 2001 година. Беровските момчиња кои што сакаа да останат анонимни, велат дека идејата за иработката на овој мурал се вродила пред околу една година, а целта е да ги искажат нивните лични ставови и да оддадат почит кон загинатите борци од Берово во 2001 година.
-Прво да се заблагодариме што имавме можност да се искажеме преку онлајн медиумот Малеш нет. Пред да се се претставиме, ние сме млади момчиња кои потекнуваме од градот Берово и сакаме да останеме анонимни и дискретни. Идејата за цртање на ѕидни цртежи се вроди пред околу една година со цел да го искажеме нашите лични ставови и да оддадеме почит на загинатите борци во 2001 година, но и да дадеме дознаење дека нивнто име и нивниот лик треба да се памти бидејќи тие ја направија најголемата жртва за сите нас. Муралот го правевме повеќе луѓе, од различни генерации, кои со напорен труд и оддвоено време, беше готов за само два дена – истакнаа младите беровски уметници.
Како поддршка за овој проект, младите момчиња упатија благодарност до Локалната самоуправа во Берово, до граѓаните и до сопственикот на кабелската телевизија „Вива Нет“, кои несебично ја подржале нивната идеја и помогнале во реализацијата. Но не било толку лесно додаваат малдите уметници. Иако муралот го завршиле за само два дена, поминале низ многу препреки во институциите и скоро два месеца оделе во општината за да побараат дозвола и да почнат да го прават муралот. Но на крајот сами започнале да цртаат и по секоја цена да ја остварат својата идеја.
– Не можеме да преброиме само колку пати отидовме во општината за да ги информираме за нашата идеја и да побараме дозвола за изработка на муралот посветен на нашите беровски херои. Од страна на полицијата бевме безброј пати посетувани, ни бараа дозвола, а сето тоа беше притисок врз нас кој влијаеше врз нашето уметничко дело, кое на крајот на денот ќе го разубави нашиот град и ќе остави белег за едни луѓе кои го дале својот живот на нашата држава. Сепак на крајот почнавме без дозвола да цртаме и покрај тешкотиите кои ги поминавме низ институциите за се да биде во ред. Немаше на каде, па институциите попуштија, а ние ја остваривме нашата зацртна цел со иработка на овој мурал, кој еве сега пред него стоиме горди а веруваме дека и сите Беровчани се гордеат со него – велат младите уметници.
Инаку малдите беровски уметници со изработка на овој вид уметност се занимаваат веќе една година, а нивните идни планови велат е да продолжат со ваквата уметност. Испратија лична порака дека во Берово доаѓаат до израз многу непотребни луѓе, а правите кои дале се за Македонија, се ставаат во друг план.
– Ние се занимаваме со цртање на мурали веќе една година и нашата порака гласи: ВО БЕРОВО ДОАЃААТ ДО ИЗРАЗ МНОГУ НЕПОТРЕБНИ ЛУЃЕ А ПРАВИТЕ КОИ ДАЛЕ СЕ ЗА МАКЕДОНИЈА СЕ СТАВААТ ВО ДРУГ ПЛАН. Исто така нашата порака е да престанеме на локален и државен план да ги форсираме политичките партии, дали биле тие од лев или десен тобар, туку да ја форсираме македонштината. Нашите идни планови е да продолжиме со ваквата уметност и секој нареден проект да биде подобар од другиот. Што се однесува до разубавување на нашиот град сметам дека секоја уметност, било од ваков вид или нешто сосема друго ќе придонесе градот да бие шарен и весел, а притоа да има содржина која во себе крие пораки – истакнаа малдите беровски уметници.
Многу градови во Македонија, Балканот, Европа и светот, ја практикуваат уметноста на цртање на мурали, кои не само што ги разубавуваат градовите, туку и претставуваат одлична содржина и оставаат белег за идните генерации, па затоа многу носители на власт даваат огромна поддршка на вакви уметници кои своите идеи ги изразуваат со цртање на мурали и со тоа ги уредуваат запуштените зидни површини.
Со еден збор им честитаме на дечките за нивното дело, што ни го разубавивте градот и се надеваме дека во иднина градот ќе ги препознае ваквата уметност со поддршка за да никнат уште повеќе мурали во градот.
Во продолжение погледнете видео од изработката на муралот: