Манастир Св. Пресвета Богородица (Источен Петок)

Манастир Св. Пресвета Богородица (Источен Петок)
март 12 19:51 2018

Речиси во сите населени места во Малешевијата постои барем по една добро зачувана или пак реновирана црква. Истите се со различна историска и културно – уметничка вредност, исполнети се со прекрасни иконостаси, напрвени од врвни Малешевски мајстори, украсени со оригинални и уметнички мошне вредни икони. Иконите на иконостасите, како и другите икони во сопственост на црквите, се евидентирани од страна на Заводот за заштита на споменици и се заштитени со закон.

Манастирот Св. Пресвета Богородица (Источен Петок) – Берово

Црквата Пресвета Богородица се наоѓа во близината на Берово, односно на патот Берово – Беровско Езеро, во грлото на брегалничката абланечка клисура. Започнала да се гради во 1972, а била завршена во 1975 година и е изградена во стилот на византиско-македонските цркви од среден век. Манастирот е машки, а типикот на манастирот е исихастички. Во близина на манастирската се наоѓала друга, постара црква (еднокорабна, скромна црква градена од кршен камен, со дрвена таваница и полукружна апсида однадвор, влез на западната страна, 4 прозорци на северната и 3 на јужната страна), која што била разрушена, а иконите од неа били пренесени во новата црква.

На 28 август правослевниот христијански народ го прославува празникот Успение на Пресвета Богородица. По тој повод, на тој ден, секоја година, Берово е домаќин на на црковно народниот собир кој што се организира во манастирот Пресвета Богородица – Источен Петок. На 28 август во Берово доаѓаат луѓе од сите краеви на Македонија и пошироко, чиј што број достигнува до 15.000. Во манастирот жителите на градот-домаќин организираат масовна прослава во чест на празникот, при што секој од посетителите – поклоници, оддава почит на Богородица и учествува на свечената трпеза. На тој начин се продолжува традицијата, која трае веќе десетина векови.

ГАЛЕРИЈА

  Категории: