Питомата планина, богатата шума, благите падини, бистрата вода од изворите низ Малешевијата, даваат терен поволен за планински велосипедски патеки, па првите километри велосипедски патеки изградени од Планинско-спортскиот клуб „Малешевска корија“ покажаа дека Малешевијата е идеална за развој на овој вид туризам.
Сенад Расимов од Берово, голем љубител на природата и од адреналинот што се раѓа кога се вози велосипед низ Малешевијата, речиси секој викенд заедно со своите пријатели ја откриваат Малешевијата со своите велосипеди.
– Ние сами се организираме, неколку лица од Берово, но ни доаѓаат пријатели и од Скопје, од Штип, од цела Македонија, од Бугарија и заедно возиме низ Малешевијата. Верувајте дека не само што е вистински одмор за душата, туку и ги наполниш очите со убавина, се надишиш чист воздух за цел живот, вели Расимов.
За него и за неговите пријатели е предизвик да се вози и по необележаните патеки, да се откриваат нови места, да се става на тест физичката кондиција и умешноста на возење велисипеди.
– Ова не е скап спорт, не изискува голема физичка подготвеност, но сепак, треба да имаш некаква претходна подготовка за да извозиш 20-ина километри, но и до сто километри на ден. Сето ова зависи од теренот, од кондицијата на велосипедистите. Ние по традиција одиме на подолги патеки и многу често кампуваме во некое убаво катче, или на бачило, вели Расимов.
Питомата Малешевија поволна за велосипедски патеки
Потрагата по иницијаторот за развој на велосипедскиот туризам во Малешевијата и Планинскиот-спортски клуб „Малешевска корија“, нè одведе до Дина Муцунска, генерален менаџер на хотел „Манастир“, Берово и претседател на клубот која и самата е вљубеник во планината и велосипедизмот. За неа развојот на овој спорт во Малешевијата е новиот предизвик.
– Планината која овде е многу питома, живописна, изобилува со шума и ја карактеризираат благи падини, е терен токму погоден за планински велосипедски патеки, какви има и се повеќе, а во реализацијата на дел од нив и самата во целост бев вклучена, тие се добро обележани, со поставени маркери, патокази и мапи. Ни претстојат уште додатни активности како на терен, така и за промоција на регионот во таа насока, а и секако и постоењето на потреба од понуда како „изнајмување велосипеди” за гостите и посетителите, е од големо значење, рече Муцинска.
За љубителите на планината досега се оспособени голем број пешачки и велосипедски патеки, а во однос на геоморфолошкиот аспект, односно формата и површината на земјиштето во Малешевскиот регион, има одлични предуслови за развој на велосипедскиот туризам. Идеалните предуслови за овој спорт се дефинираат преку планинската конфигурација на околината која дава разиграност, но и природна хармонија на теренот, специфичноста на „благиот“ терен, без нагли висински промени, што како таков е токму поволен за велосипедски патеки.
– Изобилството на шуми, вода и бујна вегетација, го прават теренот не само естетски атрактивен, туку и дозволуваат физичките активности да бидат спроведувани целодневно, бидејќи создаваат пријатна средина која е важна за целосното доживување. Во однос на „црните патеки“, планинарско-спортскиот клуб „Малешевска корија“ има реализирано: расчистено, маркирано, мапирано и поставено знаци, за повеќе планинарски и планинско-велосипедски патеки. Всушност, патеките се маркирани со знаци, по нивната должина се поставени патокази кои даваат информација за насоката на движење, име на следната бележана точка и нејзината далечина, а на појдовните и завршните точки се поставени и мапи, со приказ на целиот терен, мрежата на патеки и нивниот опис, должина, висински разлики и топонимски обележја. Во добрите предуслови влегуваат и локациите кои можат да дадат угостителска услуга, како што се рестораните и кафеаните во населените места, како и рибниците и бачилата во планинските предели, а спомнатите реализирани патеки, со истата причина поминуваат токму покрај нив, истакнува Муцунска.
Во позитивните аспекти за развој на велосипедскиот туризам е и постоењето сместувачки капацитети, како хотелското сместување, приватните вили кои ја нудат оваа услуга, која исто така е дел од синџирот на понудата на велосипедскиот туризам.
– Патеките поминуваат и покрај места кои имаат природно, културно и историско значење, како дел од сеопфатната понуда. Сето ова зборува дека базата за развој на овој туризам е поставена. Имаме уште многу нешта кои треба да ги направиме и кои ни се зацртани во план, но покрај идеите, знаењето, желбата, секогаш како главна пречка се јавуваат материјалните сретства. Тие се ,секако, неопходни за спорведување на сите проекти, кои мора да претходат за да го направиме регионов дестинација за велоспиедски туризам, како би можело потоа и оваа понуда да се развива уште посериозно и да функционира самоодржжливо, рече Муцунска.
Со велосипеди низ Малешевијата и со поглед кон Пирин
Во хотел „Манастир“ има редовни, но и нови посетители кои доаѓаат со своите велосипеди, а причината за посета покрај другото, се токму и патеките и уживањето на природата на велосипед. Доаѓаат двојки, семејства, весели друштва, но и како дел од понудата за тим-билдинг или туристичко-рекреативни групни посети. Сите, а особено оние кои имаат рекреативно планинско велосипедско искуство и кои можат да направат споредба и со други терени, се воодушевени од впечатоците кои ги понесуваат од самата природа.
– Хотел „Манастир“ поседува само неколку велосипеди за изнајмување и затоа секогаш на своите гости им препорачува доаѓање со сопствени велосипеди, но доколку се работи за поголема група и самиот хотел посредува и обезбедува изнајмени велосипеди за користење од страна на тим-билдинг или рекреативните групи. Се надевам дека во скоро време ќе постои и посериозна локална понуда за изнајмување велосипеди, како би можеле да одговориме на барањата на туристите, а секако во интерес на развој на овој тип туризам. Не би зборувала сега за недостатоците на понудата, бидејќи секако мора од некаде да се почне и понудата да се доградува и дообликува, имаме проекти во развојна фаза, за некои се чека одобрување, а некои чекаат да се отворат повици со можност за аплицирање, истакна Муцунска.
Велосипедските патеки се уредени според стандарди, за кои е изработен стручен материјал, препораки и насоки од Агенцијата за развој и промоција на туризмот на Македонија, која има и тело за контрола и ревизија на реализираното. Нивната тежина и должина е различна, ги има полесни, потешки и тешки, кратки, средно долги и долги, можат и да се комбинираат во сопствена режија, па должината и тежината да биде според личните преференци и можности. Природата, зависно од надморската висина, е претежно борова, букова и дабова шума, многу живописна и со различни пејсажи, од предели со густа и висока шума, до делови со прекрасни погледи кои продираат се до висините на Пирин Планина. Има патеки кои почнуваат веднаш од населениот појас и кои завршуваат во населено место, но и такви чиј почеток и крај е во планината.
– Пакетите кои се користат во Малешевијата најчесто се за групните посети, оние кои ги спомнав како дел од активностите на тим-билдинг настаните и туристичко-рекреативните групи кои се најчесто странци и кои хотел „Манастир“ ги има во поголем број. Тие ползуваат и велосипедски водичи, а секако понудата за водич е достапна и за поединци или помали групи, вели Муцунска.
Нови проекти за развој на велосипедскиот туризам
– Самата сум голем вљубеник во природата, а планинскиот велосипедизам го практикувам колку што ми дозволува времето, деловните и приватните обврски, вели Муцунска, која и самата со својот велосипед возела низ повеќе предели во Македонија, а има и неколку искуства надвор од нашите граници.
– Базата е поставена и планинскиот велосипедизам може да се практикува и ужива во овој регион. Ја истакнав природната убавина и одличните предиспозиции на теренот за овој спорт и тип на рекреација. Се надевам во скоро време ќе се создадат услови за посодржајна понуда. Аналогно, очекувам и можност за посилен маркетинг и достапност до јавноста, за поинтензивно информирање и подигање на свеста за ползата од овој тип на рекреација и спорт, како и за користа од поминување на време во планината. Сето ова е од особена важност за човековото здравје и добробит, особено за здравиот развој на децата, но исто така и за одржување на виталноста и кај повозрасните. Постојат и правци во планинскиот велосипедизам како „downhill, free ride and dirt jumping“, кои се многу интересни, возбудливи, но и релативно опасни. Тие бараат и многу физичка подготовка, техника и голема посветеност, влегуваат во екстремни спортови и моето досегашно излагање не се однесуваше на нив, рече Муцунска.
Таа додаде дека возењето велосипед е еден од најмалку инвазивните спортови, што не предизвикува дури и никакви физички последици, односно е најнеагресивен кон моториката и физиологијата на човечкото тело, нема нагли движења, нема трошење на зглобовите, не бара големи физички подготовки, ниту сериозна кондиција. Затоа, може и секој рекреативно или повремено да вози велосипед од најмали години, па до длабока старост.
Малешевијата е предел кој последниве години е вистинска туристичка атракција. Често нарекуван од гостите како Мала Швајцарија, пределот е исклучително еколошки чист и со огромен процент на застапеност на кислород во воздухот, со гурманска понуда на традиционална малешевска храна и очигледната гостопримливост од домаќините. Дополнителните содржини како развојот на велосипедскиот и планинарскиот туризам, риболовот покрај Беровското Езеро, можат да му донесат нов имиџ на регионот кој е сакана дестинација на холандските, израелските, бугарските туристи.
ИЗВОР: МИА