МАКЕДОНСКИ ФИРМИ СО НУЛА ВРАБОТЕНИ СВРТЕЛЕ 150 МИЛИОНИ ЕВРА.

МАКЕДОНСКИ ФИРМИ СО НУЛА ВРАБОТЕНИ СВРТЕЛЕ 150 МИЛИОНИ ЕВРА.
јули 06 18:23 2021

Околу 2.000 компании во Македонија во 2020 година акумулирале вкупен приход од 150 милиони евра, се вели во анализата на порталите pari.com.mk и БизнисМрежа.мк.

Заедничко на овие компании е што сите имале нула вработени, а одлично заработувале во секторите трговија со струја, информатика, нафтен бизнис, градежништво и трговија.

Заради создавањето поволни услови за отворање на бизниси (добра бизнис клима), Македонија овозможува отворање на фирми без да поседуваат деловен простор, односно без да имаат докази за користење на деловен простор под закуп и без да имаат вработени лица. Логиката е да им се овозможи да застанат на нозе, па потоа да започнат да вработуваат. Компаниите се основаат согласно со Законот за трговските друштва, а вработувањето се врши со почитување на одредбите на Законот за работните односи.

Лидер по приходи во оваа категорија е компанија која се занимава со трговија на електрична енергија. Станува збор за Алпик Енергија – лани свртела приход од импресивни 22,6 милиони евра, со не толку богата добивка од само 4.000 евра.

Втората компанија од листата е Тритерол Петрол – дејност и е трговија на големо со цврсти и течни горива и товарен патен транспорт. Финализирала со приход од 7,3 милиони евра и добивка од 83 илјади евра. Сопственикот се појавува како сопственик и управител на уште четири фирми со адреса во Неготино. Иако нема вработени, за 12 месеци Тритерол Петрол склучил 118 договори најмногу за набавка на мазут за основни училишта.

Крејон Македонија од ИТ секторот е на трето место. Минатата година успеала да ја изменаџира со приход од 4,7 милиони евра и профит од околу 72 илјади евра.

Компанија која се занимава со неспецијализирана трговија на големо е четвртата најмоќна по остварени приходи. Хиферк ЛТД во 2020 реализирала приход од 4,5 милиони евра, а на сметка забележала минимална загуба од 22,5 евра.

Последната од петте најпопуларни компании кои функционираат со „0” вработени е неготинската компанија за градежништво, трговија и услуги Инвест груп 2016. Продуцирала приход од 4 милиони евра, а добивка од 463 илјади евра. Компанијата на УЈП и должи еден милион евра.

Извор: Pari.com.mk

  Категории: