Нашиот Кристијан Демјански од Берово заедно со младите музички имиња Јана Спирковска, Омар Џафероски и Иван Илиев од Скопје, ќе ја претставуваат Македонија на педесеттото јубилејно издание на фестивалот „Студентско лето“ кој на 9 и 10 септември ќе се одржи во Маглај, Босна и Херцеговина. Годинава на овој најстар музички фестивал во Босна и Херцеговина доаѓаат учесници од Словенија, Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и од Босна и Херцеговина.
Маглај ќе ги угости изведувачите дебитанти од сплитскиот, крапинскиот и охридскиот фестивал, од словенечкото и хрватското издание на шоуто „Јас имам талент“, како и популарните емисии „А страна“ и „Д воис“ од Хрватска. Ќе учествуваат и неколку пејачи од „Ѕвездите на гранд“ од Србија. Некои од изведувачите ќе настапат со авторски песни, но ќе бидат изведени и севдалинки, народни песни, домашни и светски хитови.Сите изведби ќе бидат изведени во живо, а учесниците ќе ги придружува фестивалскиот оркестар под диригентство на проф. Амир Мухаремовиќ, кој заедно со Амил Ефендиќ ги направи аранжманите за фестивалскиот оркестар.„Студентско лето“ како фестивал на млади и неафирмирани пејачи на некогашна Југославија, првпат е одржан во 1964 година кога група млади студенти одлучуваат да создадат културна манифестација. Од 1997 година овој фестивал прераснува во манифестација со обемна културна програма што трае неколку месеци со ред и завршува со две музички вечери на младите музички надежи.
Своите почетоци токму на овој фестивал ги направиле големите музички имиња денес, како: Жељко Самарџиќ, Слаѓана Милошевиќ, Марија Михајловиќ, Лепа Брена, Северина и други. Водители на фестивалот досега биле најзнаменитите југословенски имиња од новинарската фела, како Оливер Млакар, Миќа Орловиќ, Зоран Капетановиќ, Милован Илиќ-Минимакс.Членови на жирито биле познатите Исмет Арнауталиќ, Јован Адамов, Костадин Костадиновски, Мојмир Сепе, Гертруда Мунитиќ, Хана Чизмиќ и многу други.– И додека многу фестивали во регионов и земјава згаснаа, овој фестивал со половина век традиција, продолжува да ги живее своите ѕвездени мигови – вели Бенјамин Хасаниќ, професор по музичка уметност и член на фестивалскиот одбор на „Студентско лето“.
Извор: Филип Димкоски