КОЛУМНА: ВОЈНА И МИР

КОЛУМНА: ВОЈНА И МИР
септември 02 16:43 2022

Војната е сеприсутна работа: како внатрешно-човечка состојба и дејство (често наречена стрес), како надворешно-човечка општествена состојба, видлива и невидлива, војна напојувана од духовни идеали, таква напојувана од материјалистички и територијални претензии, итн. Невидливите војни не се ништо поразлични од видливите во однос на нивниот исход, само правилата на војување и мотивите зад нив се разликуваат. Невидливата војна е постојан феномен и го придружува и секој друг вид на војување. И кога зборуваме за војна најчесто зборуваме за повеќе војни истовремено. Можеби затоа едното сме го нарекле стрес, за да не се повторуваме премногу.

Па така, слободата не е отсуство на војна, туку можност да се војува според сопствените убедувања за да се постигне мир. А мирот не е дадена состојба, до него се стигнува преку достоинствено војување. Мирот не е ни постојана состојба, па целиот живот е една мачко-глувчешка бркотница меѓу војната и мирот.Кога човекот води војна како резултат на неговите духовни убедувања, таа војна е нешто поразлична од онаа за територија и материјалност. Духовната војна е света – намерите зад неа се за воспоставување индивидуални и општествени вредности кои ќе овозможат трајност и на единката, и на општеството во кое таа единка живее. Таквата војна се води со намера да се постигне мир и тогаш престанува. Тоа ја прави и достоинствена. Во таквата војна опонентите имаат и почит еден спрема друг, затоа што делат исти вредности и си ги разбираат намерите.

Територијалните и материјалните војни, од друга страна, се корумпирачки – намерите зад нив се сладострастие и среброљубие и тие не се водат со намера да престанат, туку напротив – тие се дел од еден бескраен цисклус на војувања, зашто нивните намери се незаситливи и раѓаат нови војни. Во таквите војни опонентите и немаат почит еден кон друг, затоа што ни самите не ги почитуваат вредностите за кои се борат и не ги ни разбираат во целост.Секако, неразумно е да се помисли дека постои чиста духовна или чиста материјална војна, па најчесто зборуваме за генералниот карактер на војната според тоа кои вредности преовладуваат. Постигањето на карактер на самата војна е и војна самото по себе, која се води паралелно со првава. Колку за илустрација, и караница помеѓу двајца е еден вид на војна, и таа не се одвива само со другиот, туку и со самиот себе. И судирот на интереси меѓу две фирми е војна која, ако се неразумни војувачите, лесно може да премине во општествена војна.

И таквата војна не постои само на ниво на двете завојувани страни, туку е придружена со внатрешната војна (стресот) на секој од учесниците. И натпреварот меѓу две политички партии е војна, а таа војна и одамна изгуби контрола од случување само на ниво на меѓупарти(ј)ство. Најпрвин се претвори во гласен шепот на групите, во болест која можеше да се лечи. Но сега е сеприсутна, како и самиот стрес, и стана постојан тивок шепот во луѓето, толку постојан и распространет што не може да се нарече ни болест. Се манифестира како болест на општеството, па затоа сите почнуваме да наликуваме на лекари-експерти за оздравување на општеството кое го разболевме. Фармација и здравство на едно поразлично, поневидливо ниво кое е дури премногу подло за да се нарече ниво.

Поради таквата сеопшта корумпираност на духот, во светот денес веќе ретко се водат војни од духовен карактер, освен можеби на индивидуално ниво, во самиот човек. Но и тие сѐ почесто се коруптивни и сѐ поретко се такви кои се разбременети од материјализам и среброљубие. Па во таа смисла, дури и сам на себе човек престанува да си биде достоинствен противник. И тоа е најтажната состојба на денешницата – тивок геноцид на надежта чиј соучесници сме сите. Одземање на сопствената слобода за постигање било каков мир. Корумпирани души кои бираат корумпирачки души кои корумпираат општества во кои корупцијата ги јаде сопствените чеда.Смрт за мирот, слобода за корупцијата. Тоа е нашето воено мото денес.

Пишува: Тања Аждаја