ИНТЕРВЈУ СО СТОЈАН КРАКУТОВСКИ СОПСТВЕНИК НА РЕСТОРАНОТ МИС СТОН

ИНТЕРВЈУ СО СТОЈАН КРАКУТОВСКИ СОПСТВЕНИК НА РЕСТОРАНОТ МИС СТОН
февруари 23 04:39 2024

Човек кој е подготвен во секој момент да помогне онаму каде треба помош, сопственик на ресторанот Мис Стон во беровското село Смојмирово, хуманитарец и угостител со доблест и насмевка и човек за кој Берово, Малешевијата и Македонија се центарот на светот, се само дел од одликите кои го красат ликот на познатиот малешевец Стојан Кракутовски. Столе е народен човек кој вредно веќе четири децени ја гради приказната и успехот на неговиот ресторан Мис Стон, оставен како аманет од неговиот татко. Ако запрашаш било кој Малешевец за Столе, секој би одговорил „ова е човекот со големото срце“.

Деновиве имавме можност да поседиме на кафе муабет токму со Стојан, во неговиот ресторан Мис Стон кој претставува белег на Берово и цело Малешево и кој оваа година одбелжува 40 години непрекинато работење, па го запрашавме за неговата приказна.

1.Oд кога и од каде датира идејата за Мис Стон?

Идеја та за Мис Стон датира од далечната 1982 година, кога сега мојот покоен татко Никола, почнува да ја реализира својата идеја и да ја гради приказната за Мис Стон, па во 1984 година на празникот Велигден, го отвора ресторанот и од тогаш до денес непрекинато функционира. Што се однесува за мојот татко, тој во седумдесетите години бил на привремена работа во Германија, па по врќањето дома, се вработува во хотелот Македонија, кој долго време беше заштитен знак на Берово и од тогаш влегува со идеја за отворање на сопствен бизнис и сопствен ресторан. Инаку името Мис Стон доаѓа од американската мисионерка Елен Стоун, која била кинднапирана од револуционерот Јане Сандански, со цел обезбедување материјални средства за револуционерната македонска организација.

2.Вие го наследивте бизнисот од вашиот татко, па да ни кажете , од кога почнавте да го работите и раководите бизнисот и ресторанот Мис Стон?

Јас лично почнав уште од мали нозе и уште од тогаш ми се пренесе љубовта кон угостителството.Многу Малешевци и ден денес посебно од постарите генерации, се сеќаваат и ми укажуваат на работата како најмал келнер односно како помагав во работата на нашиот семеен ресторан. По смртта на мојот татко во 2003 година, почнав самостојно да го водам ресторанот, се разбира со помош на мојата мајка Павлина, која заедно со сопругата секогаш беа тука со нивната поддршка. Сега веќе и моите деца се вклучени во целата работа и се надевам дека ќе опстане ресторанот како фалилијарен бизнис уште долги години.

3. Мис Стон сите го знаат по убавата малешевска храна и прекрасниот амбиент, па човек не би можел, а да не застане и да не го посети вашиот ресторан, кога ќе дојде во посета на Малешевијата. Да ни кажете со какви специјалитети располагате?

Ресторанот располага исклучиво со традиционални малешевски специјалитети, кои надалеку се познати како врвна македонска храна кој потекнува токму од овде. Клиси, селско месо, зелник, качамак, малешевско домашно сирење, разни видови на скара, а тука е и пастрмката и уште многу јадења се трудиме да ги понудиме и да ги задржиме на завидно ниво.

4. Од оваа година го проширивте вашиот угостителски бизнис. Ќе ни кажете ли нешто повеќе за тоа?

Токму така, од оваа година, поточно од месец Мај, го работиме и ресторанот на комплексот „Бела Вода“ кој се наоѓа на прекрасна локација опкружен со природа на патот Берово-Струмица. Еве се трудиме и таму да пренесеме дел од нашата традиција.

Туристички комплекс „Бела Вода“

5. Што се однесува до ресторанот, оваа година славите јубилеј од 40 години постоење и градење на приказната на Мис Стон?

Оваа 2024 година е јубилејна за нашиот ресторан Мис Стон. Навистина ми претставува задоволство што сите овие години непрекинато работиме и ја зачувуваме и градиме позитивната приказна за Мис Стон. Ова многу ми значи како на мене и на целото мое семејство, пријатели, роднини, познаници, а верувам и на сите посетители и Малешевци, кои несебично четири децении ја препознаваат нашата работа и услуга. Не беше лесно, но ми беше задоволство што еден ресторан како Мис Стон, со многу труд и верба во тоа што го работиме, е белег на Малешевијата и се надевам дека и во иднина ќе продолжиме така.

6. Помеѓу жителите на Малешевијата па и пошироко, пред се како човек со својата компанија, сте познати по вашите многубројни учества во донаторски акции и помош во разни области.

Да, тоа е точно, уште од мал ме учеа дека на човек треба да му помогнеш ако можеш и се трудам секој пат тоа да го правам, преку резни активности, дали во спортот, дали во хумани кампањи или било што, но не сакам да се фалам со тоа. Притајноста велат кога помогнеш на некој е најдобра, па еве во склад со моите можности, помагам и ќе помагам, зошто така сум учен и израснат со мислата дека треба сите меѓусебно да си даваме било каква поддршка.

7. Пред неполна година исто така го обновивте и споменикот на револуционерот Даме Груев во селото Русиново, што предизвика позитивни реакции меѓу граѓаните?

Веќе неколку години наназад, одам на одбележувањето на погибијата на тој голем син на Македонија и кога веќе институциите, општината и државата не се одважија да направат нешто за одбележувањето, решив јас сам тоа да го сторам и верувајте многу убаво се почувствував. Не разбирам зошто не се посветува внимание и вложува во споменот на значајните историски и културни личности кај нас, а Малешевијата ги има премногу.

8. Берово и Малешевијата се одлично тло со многу предуслови за развој на туризмот, со што во последните години се на картата на туристички дестинации во Македонија. Како угостител кој директно е сврзан со туристичката дејност, што мислите за туризмот во Берово и неговиот развој?

Вака, без патна инфраструктура тешко до туризам. Најпрво мора да се ревитализира патниот правец Берово -Струмица, патот до Виница ни е катастрофа, а знаете без добри патишта нема развој на ниту една индустриска гранка. Мора државата да помогне да конечно и тука добиеме проширени и обновени регионални патишта со по три ленти. Никој не би сакал да вложи во туризмот или било во што, ако не се вложува во подобрување на крвотокот на овој дел, поточно инфраструктурата. Од голема важност е отворањето на граничниот премин „Клепало“ со соседна Бугарија, кој за жал веќе 30 години не може да профункционира. Локалната самоуправа нема капацитет и средства за да го оживее и стави конечно во функција овој граничен премин, кој би ја размрдал економијата и развојот на Берово и соседните општини. Дефинитивно мора да се побара помош од Владата, секако и да се инвестира во проекти кои ќе привлечат повеќе туристи на територијата на Берово на подолг период, како адреналински патеки, ски патеки, мини зоолошки, пешачка патека околу Беровско езеро и ред други работи, но Локалната власт не покажува интерес за тоа и не одделува средства за такви работи. Секако тука е и Рекреативниот центар „Малешево“ кој од најубав објект на езерото, прерасна во руина поради лични политички и партиски интереси. Но, секогаш има надеж, а јас се надевам дека идниот состав на Владата на Македонија, ќе покаже многу повеќе интерес не само за ова прерано згаснато место дадено од Бога, туку во наредните години ќе вложи во развојот на туризмот во Берово.

  Категории: