Илјадници граѓани се откажале од македонското државјанство.

Илјадници граѓани се откажале од македонското државјанство.
февруари 12 14:03 2021

Во изминатата деценија 14.076 граѓани се откажале од македонското државјанство со цел да се стекнат со пасош од друга земја. Бројката секоја година се движи од 1000 до 1700 лица, а во просек изнесува 1173. Најголем број на граѓани или 1.621 донеле одлука да се стекнат со друго државјанство во 2018 година. Најмал број пак е забележан во 2011 година.

Драгана Ќориќ која долги години живее и работи во Чешка е среќна што не мора да биде дел од оваа статистика. Иако ја започнала процедурата за чешко државјанство, таа нема да го загуби македонското.

„Со тоа што овде живеам веќе 10 години имам можност да аплицирам за чешко државјанство. Откако ќе го добијам чешкото државјанство ми се отвора пазарот на труд во ЕУ. Со тоа што работам во хотелскиот бизнис, мојата работа е доста флексибилна и доколку би имала можност во иднина да се преселам во било која земја во ЕУ би било многу полесно со чешкото државјанство, отколку со македонското. Имам среќа што Македонија и Чешка дозволуваат двојно државјанство. Меѓутоа не сум сигурна дали би аплицирала за чешко, доколку би го загубила македонското државјанство“, вели Ќориќ.

Социологот Хасан Јашари вели дека бројката е загрижувачка, особено што луѓето најпрвин се иселуваат индивидуално, а потоа го вклучуваат и своето семејство. Најчесто проблемот е што некои држави имаат политика да не дозволуваат две државјанства.

„Тоа е резултат на капитализмот и политиките кои ги водат тие држави за да имаат подготвена, специјализирана и школувана работна сила која ќе ја користат подолг период. Трајно да се населат на пример да речеме во Германија и потоа да не размислуваат дека по 5, 6 или 10 години како Полјаците, Унгарците и Словаците да се вратат во нивните матични држави. Значи создаваат услови тие да се откажат од државјанството, а да бидат корисни за германската економија еден подолг период“, вели Јашари.

Со пописот кој ќе се спроведе во април се очекува да се дознае точната бројка колку луѓе во меѓувреме се иселиле од земјата. Државниот завод за статистика ќе овозможи апликација за самопопишување на лицата кои се во странство, без разлика на времетраењето, која ќе биде функционална од 1 март до 21 април, а на неа не може да пристапи некој што е во земјава.

Врз одлуката на луѓето влијае и фактот што македонскиот пасош е помалку вреден од останатите, како бугарскиот кој дозволува двојно државјанство и овозможува слободно движење и работа низ ЕУ, смета Јашари.

„Мислам дека има повеќе причини кои го предизвикуваат иселувањето посебно на младите. Тие првенствено се за барање на подобар живот, подобри услови за работа, побезбедна средина. Ние тука живееме во едно не богато општество, а они бараат еден побогат живот. Исто така мислам дека луѓето се иселуваат и кога имаат работа со оглед на фактот дека тука имаме ниски лични примања и плати, а работниците не се заштитени на работното место“, вели Јашари.

Според последните податоци на Евростат, постојано се зголемува и бројката на дозвола за престој на македонски државјани во земјите од ЕУ. Од околу 10 илјади во 2013, бројката во 2018 достигнала до речиси 25 илјади. Најмногу државјанства пак според европската статистичка агенција во Унијата биле побарани во 2016 година или околу 9000.

Извор: slobodnaevropa.mk

  Категории: