Од денес, токму на Светскиот ден на здравјето, учениците со и без образовни потешкотии во ООУ „Ѓорче Петров“ во општина Ѓорче Петров ќе може да работат во сензорната соба опремена со реквизити и стимулативните алатки, придружени од стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор.
Фондацијата д-р Верица Механџиска ја поддржа реализацијата на сензорната соба, во рамки на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ која е финансиран од Европската Унија, а има за цел да ги подобри можностите за образование на децата со попреченост.
„Среќни сме што Фондацијата д-р Верица Механџиска, која во фокус на своето работење го става подобрувањето на квалитетот на живот на ранливата категорија на лица ја реализираше оваа соработка со помош на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и заеднички успеа да ја опреми оваа сензорна соба. Благодарни сме на оваа заедничка соработка и верувам дека со тоа во јавноста испраќаме важната порака, со заедничко вклучување придонесовме кон создавање на позитивни промени и вредности, не само за децата со попреченост, туку и за заедницата во целост“ – рече Маја Топкоска од фондацијата д-р Верица Механџиска.