ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛУЃЕ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: ЛЕОНИД ПЕЦОВСКИ (1923-1945)

ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛУЃЕ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: ЛЕОНИД ПЕЦОВСКИ <strong>(1923-1945)</strong>
мај 17 01:09 2023

Меѓу плејадата на истакнати луѓе од Малешевијата се вбројува и младиот храбар и воинствен малешевец Леонид Пецовски кој е роден на 19-ти мај 1923 година во Берово, во семејството на Ефтим Пецовски и Даринка Белдедовска Пецовска. Основно училиште и прв клас граѓанско училиште завршува во Берово. Потоа го напушта школувањето и го изучува касапскиот занает. По изучувањето на занаетот работи како касап.

За време на бугарската окупација во 1942 година Леонид заминува на работа во Германија. По една година тој е протеран од Германија и се враќа во родниот град, каде продолжува да работи на занаетот. Во 1943 год. е регрутиран и служи во бугарската армија, каде завршува курс за подофицери.

По извршениот преврат во Бугарија, се враќа во родното место и се вклучува во Народноослободителната војна, во Воената команда во Берово, каде е поставен за заменик командант на чета.

Леонид Пецовски – Берово

На 1-ви октомври 1944 год., кога во Берово престојува дел од Главниот Штаб на Народноослободителната војска на Македонија на чело со командантот Михајло Апостолски, со месната чета успева да ги задржи германските единици кои се повлекувале од Грција, на патниот правец Струмица – Берово и овозможува повлекување на партизанските единици од градот.

Потоа, како млад и искусен борец Леонид Пецовски е распореден во 14-та бригада во 50-та Народноослободителна дивизија со која учествува во завршните борби за конечното ослободување на Македонија, во кои се истакнува со својата храброст.

Спомен бистата на Леонид Пецовски во Берово

На 15-ти јануари 1945 год. со бригадата заминува за Срем на оспособување и усовршување со современата воена техника. Во април, 14-та ММУ бригада е во состав на 48-та МНО дивизија и учествува во пробивот на Сремскиот фронт. По ослободувањето на Винковци, каде неговата чета прва влегува во градот, бригадата продолжува со протерување на непријателот кон Ѓаково, Будровци и Врпоље. Во тешките тридневни борби јужно од Будровци и Ѓаково, на 16-ти април 1945 год., кога со неговата чета тргнува во против јуриш кон непријателските позиции, покосен е од непријателски рафален оган и загинува. Неговите соборци, својот храбар командант, го погребуваат на бојното поле.

За заслугите во Народноослободителната и антифашистичка војна за придонесот во конечното ослободување на Македонија и на Југославија, Леонид Пецовски посмртно бил одликуван со Орден за храброст. Во битките на Сремскиот фронт животите ги загубиле вкупно 31 и храбри малешевци, во цветот на нивната младост.

Ова е добра пригода да ги споменеме за незаборав.

Од Берово: Бошнаковски Стојан, Ѓерински Љубомир, Нешовски Михаил, Пецовски Леонид, Радински Панте

Од Владимирово: Бошначка Пола, Распашковски Јован, Ужевски Димитар

Од Митрашинци: Беќарски Атанас:

Од Панчарево: Димитровски Радослав, Јаневски Љубомир, Јовановски Костадин, Јовановски Никола, Манчов Стојан, Минчов Стојан;

Од Пехчево: Бочварски Славчо, Давидов Павле, Кацарски Славчо, Кујунџиски Страхил, Најребов Страхил

Од Ратево: Крстовски Ефтим. Папалиски Ефтим;

Од Робово: Костов Ефтим, Овчарски Александар, Пранговски Јован;

Од Смојмирово: Костадиновски Глигор, Мушкарски Тасевски Глигор, Трошански Глигор

Од Умлена: Каракашовски Јован:

Од Црник: Џангулов Мехмед, Џингов Усеин.

  Категории: