Премиерот Заев најави дека утре, на седници на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, ќе се констатира неговата оставка и ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер.
За утре и Гаши, најави дека партиските органи ќе дискутираат дали ќе останат во опозиција или ќе ја прифатат поканата за членство во владата за да се истурка целиот мандат до 2024 година.
На средбата со Гаши во петокот, Заев дојде со заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој е член на извршниот одбор на СДСМ.
Викендов тој не сакаше да коментира за медиумите дали ќе се кандидира на внатрепартиските избори во СДСМ и дали се гледа себеси како иден мандатар, туку рече дека учествувал во разговорите со Гаши со цел да се обезбеди мнозинство кое ќе ја води земјата напред.
Мицкоски не сака да ја коментира најавата на Заев дека во вторник и официјално ќе поднесе оставка. Вели, премиерот често ги менува ставовите и секој коментар во овој момент не би имал некакво значење. За тоа кој ќе го наследи, Мицкоски вели дека е работа за која треба да си одлучи СДСМ.