Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден”.
Денеска честитајте именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица, Баже, Блага. Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи.
Евангелистите раскажуваат дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот.
Значењето на името Благој се поврзува со Благовештение, што соодветствува на грчкото име Евангело, а значи пријатен и благословен. Затоа, луѓето кои се викаат: Благој, Благуна, Благица се сметаат за посебни.