По денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во кое обвинија дека локалната власт во Берово, веќе подолг период чува нови контенјери за смет, кои ќе се користат во изборната кампања, со брз одговор и демант излезе и градоначалникот Звонко Пекевски во кое се вели:
-Контејнерите, за кои прашуваат, а индиректно ме обвинуваат, се само еден мал дел, од еден голем и долгорочен проект за ,,Регионално управување со отпадот”, кој го имплементира проектна канцеларија на МЖСПП, со општините од источниот и североисточниот регион.
Средствата во износ од околу 36 милиони денари, за имплементација на истиот, се обезбедени преку Европската Унија и навистина не е добро, да се искористуваат ресурсите од еден вака голем проект, во валкани политички игри. И за мене како градоначалник е добро, секако и за граѓаните за кои се наменети, контејнерите да бидат поставени што поскоро, меѓутоа проектот е регионален и си има динамика на реализација (во случајот динамика на поставување на контејнерите) и никако не зависат од локалната власт.
Повикувам на конструктивни критики и фер кампања, за кое нешто впрочем потпишавме и кодекс, ова за што обвинувате, ниту е конструктивно, ниту фер, затоа што некој вложил многу напор, за истото да биде реализирано.За четири години имаме сработено огромен број проекти, за Берово и за населените места, за подобар квалитет на животот на секој граѓанин за да не мораме во кампања да се служиме со такви вмровски политички трикови. Нашите политики не се насилни, не се од гипс картон, не се полни со омраза и не ги поделуваат граѓаните. Ние работевме и ќе работиме отчетно, транспарентно, НАЈДОБРО што знаеме и умееме – стои во демантот на градоначалникот Пекевски.