ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА ДЕНЕШНИОТ ДЕН ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА КАПЕТАН ЗОРАН БУБЕВСКИ.

ДА СЕ ПОТСЕТИМЕ НА ДЕНЕШНИОТ ДЕН ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА КАПЕТАН ЗОРАН БУБЕВСКИ.
мај 31 19:36 2018

На денешен ден (31.05.2001) носејќи вода и храна на Бранителите на караулата Билјак, на кукавички начин од подметната мина загинува капетанот ЗОРАН БУБЕВСКИ († 33) од Берово. Да се потсетиме сите во ликот и делото на Капетан Зоран Бубевски.

Живот и војните на поранешна СФРЈ

Зоран Бубевски е роден на 10 јуни 1968 година во Берово. По основното образование, завршил воена гимназија во Белград, а потоа и воена академија во Сараево и Задар. Последната служба во ЈНА го затече во Бања Лука. Како Македонец, меѓу првите го сфати апсурдот на војувањето во туѓа војна и гинењето за туѓи интереси. Немајќи друг начин да се врати во Македонија, го искористи конвојот што од Сисак заминувал за Скопје. Доаѓајќи тука се пријавил во скопскиот гарнизон барајќи да биде оставен тука, да служи во ЈНА, но во Македонија. Неговата решеност да не војува се гледа и од решеноста: „Доколку не ме оставите тука, заминувам од Армијата.“ Бил свесен дека поради „дезертерството“ од Бања Лука ке уследи казна, но таа не му значела многу во споредба со учество на војна при распаѓањето на Југославија.

Во рамките на ЈНА постоеја два казнени центри за непослушните старешини. Едниот беше во Кичево, другиот во Билеќа. Во рамките на таа казнена политика, по пристигнувањето во Македонија, на Петровден 1991 година, Зоран е распореден на работа во Кичево. Со осамостојувањето на АРМ, меѓу првите останува во старешинскиот кадар, но пак во Кичево. Таму е на служба до 2000 година, по што е прекомандуван во Куманово.

Казнет затоа што наредил да пука во терористи!?

Со упадот на терористите од Косово во Македонија постојано е на најистурените караули „Танушевци“ и „Кодра Фура“, локации што и пред тоа, посебно во војната меѓу таканаречената ОВПМБ и српските одбранбени сили во Прешевската Долина, претставува главен канал за уфрлување на оружје и терористи во Македонија и Јужна Србија. Во таква позиција, Бубевски има два најдиректни контакти со терористичките банди. Во првиот, на „Кодра Фура“, фаќа коњ натоварен со оружје при што група терористи побегнале во Танушевци и оттаму на Косово. За ова е награден од армискиот врв. Подоцна на истата локација, патролата што ја предводи налетува на комбе со оружје и терористи. При сопирањето, комбето не сопрело, а терористите отвориле оган врз патролата. Тогаш Бубевски пукал во гумата по што комбето е запленето, а терористите успеале да побегнат. За оваа постапка е казнет. Којзнае од кои причини, веројатно било оценето дека не постапил правилно што пукал во комбето.

На 26 мај 2001 година, во саботата, Зоран имаше веридба. Во понеделникот замина во касарната во Куманово. Во средата дојде со мајка му на аеродромот во Скопје да ја пречека сестра му која живее во странство. Во четвртокот, на 31 мај 2001 година загина од нагазна мина на патот кон времената караула „Биљак“ кај Блаце. Бил во конвојот што на војниците им носел цистерна вода, придржуван од два хермелина. Хермелините минале, а цистерната имала потешки тркала и нагазнала на мината. Зоран имал две бомби на себе и среќа во несреќата е што тие не експлодирале. Останал само пригмечен во цистерната. Бубевски одел со конвојот бидејќи требало да прими смена на караулата. За десет дена не го прослави својот 33 роденден.

Секоја година во негова чест во баталјонот за врски се одбележува поменот на трагично загинатиот капетан Зоран Бубевски. Бубевски постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија. На 2 август 2016 година на влезот на спортската сала во Берово која го носи името „Македонски бранители“ поставена е спомен – плоча на која се испишани имињата на четворицата бранители од Берово кои во конфликтот во 2001 година го изгубија својот живот, Љупчо Мирчовски, Димитар Двојаковски, Зоран Бубевски и Никола Пехчевски.

ПОЧИВАЈ ВО МИР КАПЕТАНЕ, ВЕЧНА ТИ СЛАВА!

  Категории: