Дали можеше да се спречи катастрофата што се случи во Малешевијата.

Дали можеше да се спречи катастрофата што се случи во Малешевијата.
август 13 12:49 2021

Според првичните проценки на штетата, за 10 дена во Малешевијата изгореа преку 5.000 хектари претежно борова шума. Во цела Македонија за 10тина дена изгореа преку 10.000 хектари. Изгореа куќи, плевни, ливади. Изгореа елени, срни, срндаци, ласици, зајци. Се уништија многу домови на еребицата камењарка, загрозен вид кој што живее во Малешевијата. Нашиот биодиверзитет, нашата храна и нашето здравје преку ноќ се наруши. Идеалниот баланс кој што постоеше во Малешевијата е ставен под знак прашалник.

Пред околу 50тина години за да се заштитат селата од ерозивни процеси и поплави, над селата во Малешевијата било извршено интензивно пошумување. Но, за да имаме здрава и отпорна шума која што нема да изгори за три-четири дена, шумата треба да се негува и проретчува по потреба. Дали и колку Јавното претпријатие “Национални шуми” со нивните ШС Берово и ШС Пехчево се грижат и ја негуваат шумата, видовме во последниот период. Според проф. д-р Николчо Велковски од скопскиот Факултет за шумарски науки, огнот почнал од Нов Истевник, и со оглед на тоа што станува збор за многу млади и густи шуми, кои биле во една природна фаза на обновување и на склопување, имало шума од сите катови, од најмлада до најстара. “Таа одамна не е проретчувана, има многу напуштени ниви, обраснати со смрека и сето тоа му одговараше на брзото проширување на пожарот”. – изјави професорот.

Според Законот за пожарникарство, Општина Берово има формирано Територјална противпожарна единица, која ја покрива и територијата на Општина Пехчево. Единицата која брои 14 членови покрива 974 км2 при што се опфатени околу 20 000 жители во две градски населби и 14 селски населби. Единицата располага со 2 авто-цистерни ФАП 14/14 и ФАП 1921 со носивост од 7000 литри вода, едно специјално теренско возило Бремач со носивост од 2000 литри вода и едно теренско возило Опел Фронтера. Просечната старост на опремата во Берово изнесува 21 година.

Дали надлежните органи сметаат дека оваа дотраена опрема и 14 вработени се доволни за скоро 1000 км2 површина и зошто со години наназад се одбива да се формира противпожарна единица во Пехчево?

Сепак светлата точка мораме да напоменеме е дека Берово претходно со донација од Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка, обезбеди 4 нови противпожарни возила, противпожарна опрема и дрон, која што беше голема поддршка и од голема помош за справувањето со пожарите.Промовираната нова против пожарна опрема пред месец и половина е наменета за ТППЕ во Берово и подружниците: Малешево-Берово и Равна река-Пехчево.

Пред нешто повеќе од два месеци Општина Берово изврши набавка на 15 сетови составени од интервенциски ракавици, интервенциски чизми и летни кондури, притоа секој сет беше платен по 318 евра. Дали Општина Берово смета дека е доволна набавка на само 15 пара ракавици и обувки? Дали и кога извршила последно набавка на шлемови, работни ремени со прибор и заштитни маски и зошто доколку ги има, пожарникарите не ги користеа истите? Дали противпожарната единица во Берово располага со целата опрема која што е предвидена за непречена работа на противпожарната единица?

Многу прашања остануваат неодговорени, едни од нив се и дали доколку државните органи ги имааа снабдено противпожарните единици со потребната опрема и дали доколку навремено уште на 02.08.2021 год. се побараше помош од Центарот за управување со кризи и ДЗС, Малешевијата ќе успееше да ја зачува својата шума за која сега ќе и биде потребно помеѓу 30 и 50 години за да се обнови?

Извор: antropol.mk

  Категории: