Ме боли што годината ја бројам од кога децата престанаа да одат во училиште. Некако неприродно ми е, ете така…
Обично годината ми почнува со 1ви Септември- денот кога на учениците им завршува летото а им почнува учебната година. Тоа ми е природниот почеток на секоја година.
Потоа годината ми почнува на 1ви Јануари. Се разбира секогаш ја дочекувам на полноќ. Тоа ми е календарскиот почеток на новата година
Од март 2020 имам еден нов почеток. Неубав, неприроден. Денот кога децата престанаа да одат на училиште. Кога како преплашени полжави се вовлековме во сбоите куќички и ги чекавме судбоносните бројки.
Бројките на заразени не болат. Боли вирусот. И кога ќе помине- боли. Кажуваат тие што го прележале. Потврдувам и јас. Боли што силата тешко се враќа, што купишта пари одат по лекови и анализи на крвта. Боли стравот дали имаме антитела и дали се доволни да не’ заштитат од новите соеви на вирусот.
Боли секоја видена маска од која ѕиркаат само очите и препознавање на луѓето само по силуетите и гардеробата. Уште повеќе болат оние што не носат маска- ги стрелам со погледот како да се непријатели на човештвото. А не знам дали се, можеби само неправедно стрелам.
Боли тагата на наставниците да застанат гордо пред училишната табла. Боли желбата на децата за игра со другарчињата надвор во паркот. Боли недружбата на децата седнати пред компјутерите и нашите опомени дека премногу време се на интернет. Боли секое прекорување на тинејџерите да носат маска и да не се групираат.
Болат стравовите на старите за себе и за потмците, болат стравовите на родителите за децата, стравовите на децата од муабетите на родителите.
Такво време дојде- се’ да боли. Ме боли што времето го мерам од 12ти Март 2020 година.
Текст: Лилјана Алексова