ВО РУСИНОВО ЗАПОЧНА БУШЕЊЕ НА ИЗВОР ЗА ИЗГРАДБАТА НА ФОНТАНА ВО ЧЕСТ НА ВЕРИЦА БЕЛЧОВСКА

ВО РУСИНОВО ЗАПОЧНА БУШЕЊЕ НА ИЗВОР ЗА ИЗГРАДБАТА НА ФОНТАНА ВО ЧЕСТ НА ВЕРИЦА БЕЛЧОВСКА
октомври 08 17:35 2022

Во беровско Русиново по иницијатива на сопственикот на компанијата „Зегин“ Благој Механџиски, денес се отпочна со бушење на бунар во центарот во селото за изградба на фонтана и спомен обележје во чест на нашата постхумна хероина Верица Белчовска.

-Го избравме овој ден кој го посветуваме на нашата покојна сограѓанка Верица Белчовска. Благодарејќи на посмртната храброст на нејзините родители, 16 лица живеат среќно благодарение на нејзините органи. Токму од тој аспект се чувствувам среќен што ми се даде прилика и поддршка од соселаните да направиме една чешма, извор на жива вода, кој ќе го симболизира животот – истакна Благој Механџиски.

Активностите на целокупниот проект како што рече Механџиски, се очекува да се спроведуваат околу еден месец, а оваа „жива“ вода, (планинска и квалитетна вода) ќе ја користат селаните.

-Ова денес е втора бушотина, бушевме околу 40 метри па се надеваме дека ќе го погодиме поголемото врело на вода и ќе го направиме тоа што сме го замислиле. Освен тоа оваа вода ќе им служи и на самите селани кои ќе бидат снабдени со вода во тешки и критични денови – рече Маханџиски.

Во склоп на спомен плоштадот каде се врши бушотина на извор на вода и е предвидена изградба на прекрасна фонтана, во план е и потетка манифестација „Вечери на детска поезија“, која исто така ќе биде посветена во чест на Верица Белчовска.

Инаку Младата Верица Белчовска стана симбол за хуманост, откако нејзиното семејство по нејзината смрт во сообраќајка, дозволи нејзините органи да бидат донирани за трансплантација. Нејзиното срце продолжи да работи во градите на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, кој имаше срцева болест и се наоѓаше во животозагрозувачка состојба. Освен тоа, нејзините бубрези и коскени ткива беа донирани, спасувајќи животи на повеќе пациенти.

  Категории: