“Мрежата за рурален развој на Северна Македонија“ со поддршка на „We Effect“ и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка „Sida“ иницираше активност која резултираше во отворањето на првата работилница за преработка на храна во Пехчево.
Концептот на работилницата за преработка на храна (Food Hub), како еден вид на ваква поддршка, зема голем замав, а оваа практика е во својот зачеток и кај нас.
Работилницата за преработка на храна, како концепт, претставува кујна која е соодветно опремена и сертифицирана согласно правилниците за преработка и продажба на храна и HACCP стандардите и служи како заеднички простор во кој сите локални чинители може да закажат термин за приготвување и преработка на своите производи, притоа користејќи ја во целост опремата од работилницата за преработка на производите кои ќе ги набават.
Работилниците за храна (Food Hubs) – економски двигатели во локалните заедници. Покрај непосредното влијание врз здравјето, пандемијата донесе и сериозни последици врз социоекономскиот развој на локалната заедница, што директно се одрази на системите за храна и предизвика нивна целосна трансформација. Токму поради овие причини од суштинско значење е да се делува во насока на поддршка и превенција од идните потенцијални влијанија, особено во насока на подобрена обезбеденост со храната за маргинализираните лица и заедници како и социоекономско зајакнување на маргинализираните групи.
Овие работилници се финансиски достапни за мали и фамилијарни локални оператори со храна, а истовремено им овозможуваат да ги користат предностите на професионалната и лиценцирана кујнска опрема и објект без потреба од големи капитални инвестиции за сопствена кујна. Покрај комерцијалното производство на прехранбени производи, општественото и економското влијание на работилницата за преработка на храна е уште позначајно. Таа се користи за спроведување различни обуки и настани за подготовка на традиционална храна, што придонесува за поголема соработка, и претставува можност за пренесување на знаењата на помладите генерации и за постигнување на поголема инклузија.
Преку тоа се придонесува кон зголемување и подобрување на локалното производство и преработката на свежа храна, зголемување на продажбата, локалната вработеност и позитивното економско влијание. Токму ваквите центри, се очекува во иднина да бидат во поголем број и да имаат значаен придонес во унапредување на рамномерен локален и регионален развој.