Свештениците од црквата „Св. Петар и Павле“ во соработка со Општина Пехчево и ЈКП Комуналец и оваа година традиционално организира празнување на големиот христијански празник Богојавление Водици.
Течат последните подготовки за прослава на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Организаторите со голема посветеност работат на дефинирање на деталите за целокупната манифестација што ќе се случува на 19 јануари во Пехчево.
Од општината информираат дека верниците ќе имаат можност да присуствуваат на осветувањето на водата во реката Писа и ги покануваат да бидат дел од прославата.
– По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, црквата „Св. Петар и Павле“ ќе одржи света божествена литургија. Литургијата ќе започне во 8 часот, додека чинот на фрлањето на светиот крст во водата на реката Писа е најавено за во 10 часот во центарот на Пехчево. Сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар, истакна Живко Каликов од Општина Пехчево.
Каликов информира дека за најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст предвидени се награди од градоначалникот на општина Пехчево и црквата „Свети Петар и Павле“.
– Како што е и традицијата, оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати крстот во реката Писа, од локалната самоуправа ќе добие LCD телевизор, а за многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа и оваа година обезбеди бесплатни топли пијалоци (ракија и вино) за сите присутни, вели Каликов.
Задолжително за сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар. Со издадената потврда од матичениот лекар задолжително треба да се пријават кај отец Горан Димитковски тел: 078/394-520.
Манифестацијата ќе се реализира согласно протоколите кои што ги налага комисијата за заразни болести, а исто така зависно од состојбата со ковид пандемијата ќе се владееме при реализацијата на истата.
Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Јован Крстител го крстел Исус Христос во реката Јордан. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, а кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.