ВО ДЕЛЧЕВО ОДРЖАНА ПИЈАНЕЧКО-МАЛЕШЕВСКАТА СВАДБА

ВО ДЕЛЧЕВО ОДРЖАНА ПИЈАНЕЧКО-МАЛЕШЕВСКАТА СВАДБА
септември 10 21:56 2022

Горанчо Костадинов и Елеонора Мичковска денеска во Делчево ја крунисаа својата љубов на стар автентичен начин, во рамките на 16. Пијанечко-малешевска свадба, како придружна манифестација на традиционалниот Меѓународен фестивал „Делчево фест“.

Младоженецот Горанчо Костадинов, кој е по потекло од делчевското село Истевник, и невестата Елеонора Мирчовска од беровското село Русиново, денеска беа примени од градоначалникот Трајковски, кој на младите им ја врачи традиционалната награда од Општина Делчево, парични средства во износ од 12.000 денари.

Посакувајки им долг и среќен заеднички живот со многу дечиња, Трајковски упати срдечни честитки до главните актери на манифестацијата која покажува дека свадбарските обичаи сè уште се живи и се почитуваат.

-Традицијата е таа која го чува нашиот идентитет и наша обврска е да ја продолжиме, да ја промовираме и да се гордееме со неа, бидејќи таа ни е оставена како аманет од нашите предци. Посебно изразувам задоволство што организаторот на традиционалната свадба, КУД „Гоце Делчев“, успеа да ја сочува свадбарската традиција и на тој начин да ја сочува и да ја промовира богатата палета свадбарски обичаи од овој регион. Уште еднаш им посакувам на младите долг и среќен брак, благословен со многу дечиња, рече Трајковски.

Свадбарските адети беа промовирани на летната сцена во рамките на 46. Меѓународен фолклорен фестивал „Делчево-фест“ на кој настапуваат 25 учесници, фолклорни групи и изведувачи од земјава и од Србија, Бугарија и Турција.

Организатор на манифестацијата е Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ во соработка со соседните општини и здруженија од областа на културата.

Покровител на „Делчево фест“ е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерството за култура.

  Категории: