Во Берово ќе се гради куќа за живеење на деца со Синдром Прадер Вили.

Во Берово ќе се гради куќа за живеење на деца со Синдром Прадер Вили.
март 23 11:56 2018

 

Како дел од активностите за подобрувањето на третманот и прифаќањето на лица со посебни потреби и лица со одредени генетски нарушувања, во Берово се одржа заедничка средба на која беше презентирана иницијативата за отварање на Куќа за живеење на деца со Синдром Прадер Вили во Берово.

Организатори на средбата беа претставници од ЈЗУ Клиниката за детски болести Скопје предводени од директорката д-р Катерина Ставриќ, која заедно со тим од лекари и специјалисти од клиниката беше на неколкудневна обука во Германија во специјализиран центар за третирање на пациенти со Прадер Вили синдром.

Средбата со претставници од образовните институции, социјала, Агенција за вработување, како и невработени лица ја отвори градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски, кој истакна дека можноста која ја нуди Владата на РМ со отварање на еден ваков центар во Берово ќе допринесе Берово да биде лидер во регионот, како и во Македонија и пошироко бидејќи ова ќе биде прв ваков центар во државата а и во самиот регион бидејќи вакви центри нема отворено ниту во соседните земји, а би значело и директно вработување на неколку лица.

Директорката на ЈЗУ Клиниката за детски болести Скопје ја презентираше целта која ја имаат како тим за отварање на центарот во Берово кој се планира да биде започнат во следниот период и истиот ќе биде финансиран преку Буџетски средства од Владата на РМ. Исто така истакна и дека можностите кои ги нуди Берово како подрачје кое ги задоволува условите кои се потребни за живеење на лица со овој синдром како што се предиспозиициите што Берово е мал урбан град каде има достапност до образовни и здравствени ресурси, достапност до фарми и слични атрибути кои наликуваат на условите кои ги имаат ваквите центри во светски рамки, е токму клучната алка при изборот на изградбата на центар токму тука.

Инаку, за изградбата на центарот од страна на Општина Берово ќе биде преотстапен еден од објектите на поранешна Пелагонија кој моментално не се употребува и истиот е во сопственост на општината, додека изборот на овој објект е донесен после разгледувањето на неколку објекти во сопственост на општината кои не се употребуваат.

Од страна на ЈЗУ Клиниката за детски болести Скопје и тимот кој работи на изградбата на центарот ќе биде направена на посебна обука за лица кои ќе бидат заинтересирани за работа во истиот, и според информациите со кои располагаат во Македонија во моментот се регистрирани околу 10-тина лица со овој синдром од кои 4 лица кои се на возраст од 10 до 20 години се заинтересирани за сместување во центарот кој е планирано за почеток да може да прима од 4 до 5 лица, но со можности за адаптирање и изградба на дополнителни куќички со што би се проширил и самиот капацитет.

  Категории: