Основниот суд во Струмица денеска го осуди И.Ч. (18) од Струмица на казна затвор во траење од 15 месеци заради прегазувањето на Верица Белчовска (20) од беровско Русиново.
Сообраќајната несреќа се случи на 7 април, годинава на булеварот „Ленинова“ во Струмица во 19:40 часот, кога момчето кое возело автомобил марка „нисан“ удрило во Верица која преминувала на пешачки премин. Возачот избегал од местото на несреќата, а подоцна, истиот ден, сам се пријавил во полициска станица.
Според судијката Цона Каламерникова, обвинетиот пред судот ја признал вината за стореното дело, а казната на момчето му е изречена за сторени кривични тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
По загинувањето на Верица, семејството ги донираше нејзините органи, кои спасија три животи.
За хуманоста семејството Белчовски доби стан на користење од Владата, а мајката на Верица се вработи во канцеларијата на премиерот Зоран Заев во Струмица.