(ВИДЕО) ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛУЃЕ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: ГАВРИЛ АТАНАСОВ – ЗОГРАФ (1862-1951)

(ВИДЕО) ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛУЃЕ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: ГАВРИЛ АТАНАСОВ – ЗОГРАФ (1862-1951)
мај 14 02:06 2023

Гаврил Атанасов е роден во Берово во 1862 година од православни родители.

Татко му, кој по народност бил Цинцарин – Влав, бил дојденец од Крушево. Во Берово се оженил со ќерката на некој Јован, која набргу починала, па бил принуден да се прежени.
Мајка му била од село Ратево. И таа претходно била мажена во Берово, но и нејзиниот маж починал. Така двајцата вдовци се земале и изродиле две женски и две машки деца меѓу кои бил и Гаврил.

Семејството на Гаврил, како доселеници во Берово, западнало во голема сиромаштија, па децата биле принудени да работат како аргати и да чуваат туѓа стока.

Во периодот 1872-1874 година, на десетгодишна возраст, за време на зимскиот период Гаврил одел на училиште, додека пак, во летниот период работел како овчар и говедар. Потоа, скоро годинаипол работел како калџија, со мајстори по Пијанечко и Струмичко. Едно лето работел и како аргатин на жетва во Штипско, а потоа околу две години поминал работејќи и со татко му како бичкаџија.

И неговиот постар брат Христо неколку години работел како овчар, а потоа отишол на Света Гора да работи како аргат. Поведен од него и Гаврил решил да го напушти тешкиот живот и сиромаштијата во Берово и да замине да работи на Света Гора. Така, младото момче, на 18-19 годишна возраст, во 1881 година, околу Митровден пристигнал кај својот брат кој веќе бил игумен во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“. Таму, Гаврил работел како аргатин до Ѓурѓовден. Кога видел дека на Света Гора има многу добри зографи му кажал на брата си дека и тој сака да го научи зографскиот занает.

Така, со помош на својот постар брат, Гаврил се запишал во Карејската зографска школа, кај светогорскиот зограф, калуѓерот Глигоро Шк*рт, по народност Грк. На Глигоро, како школарина му платиле 20 златни лири за три години да слугува и да учи. Но, тука, младиот Гаврил, наместо да ги изучува тајните на зографскиот занает, научил само да му слугува на Глигоро, да мете, да вали огин, да вари кафе, да купува месо, да готви, да мести трпеза, да мие садови, да пере алишта. Тоа го натерало да го напушти зографот Глигоро и повторно да се вработи како физички работник.

По четирите години поминати на физичка работа, Гаврил одново се запишал во Карејската зографска школа, но сега кај зографот Христодулос Матеу, Грк од Његуш. Христодулос, увидувајќи го извонредниот зографски талент кај младиот Гаврил, по двегодишно калфување го зел за свој единствен соработник. Како соработник на зографот Христодулос Матеу, Гаврил поминал уште 11 години, сликајќи икони кои Матеу ги испраќал во Русија и во балканските земји.

По тринаесетгодишно работење со зографот Матеу во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“, на Гаврил, од страна на престарениот руски зограф Поликарп му била доверена да ја води големата сликарска работилница и да ги воведува учениците во тајните на зографскиот занает.

За време на своето престојување на Света Гора, Гаврил, цело време копнее за Берово, за татковиот дом и за саканата девојка Маца. Поради тоа на него му се препишува и малешевската народна песна:

„Маце Марие бела Беровко,
жени се Маце, мен ме не чекај,
јас ќе си стана млади калуѓер.“

Младиот Гаврил, веќе зограф, полн со знаење и вештина од зографскиот занает се вратил во Берово и ја земал за свој животен сопатник девојката од цитираната песна Марија, од родот на Поп Буровци. Во брачниот живот со неа добиле осум деца: Александар, Полихерија, Диспина, Параскева, Панте, Михаил, Ана и Борис.

Зографот Гаврил Атанасов изработил повеќе иконостаси и огромен број на икони, од кои најубавите се наоѓаат во црквата во село Смиланци (Радовишко) и во Берово. Во манстирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово Гаврил работел во периодот од 1899 до 1920 година. Тринаесетте икони што го носат неговиот потпис и што се наоѓаат во овој манастир се само „капка во морето“ од иконографското наследство што ни го оставил зографот Гаврил, расфрлано по црквите, манастирите и приватните домови во Малешево, Пијанец, Кочанско, Штипско, Радовишко, Струмичко, Струмско и подалеку низ балканските земји и Русија.

„Свети Пантелејмон воскреснува мртовец“ изработена во Берово, 1893 г.

Во црквите во Малешево и Пијанец од пописната комисија на Републичкиот завод за заштита на културно-историските споменици се регистрирани 300 икони со различна големина, од кои 41 икона се препишуваат на неговиот син, зографот Борис. Во бројката од тристоте икони не се сместени иконите од црквите во Кочанско, Штипско, Радовишко, Струмичко, Струмско, а да не зборуваме за иконите изработени во работилниците на светогорските манастири и испраќани во Русија и балканските земји при крајот на деветнаесетиот век, кога зографскиот талент на младиот зограф Гаврил бил во полн расцут.

Од писмото, што на 04.04.1928 год. Гаврил Атанасов му го испратил на Јеремије М. Павловиќ, да му послужи при пишувањето на книгата „Малешево и Малешевци“, покрај дел од горе изнесените податоци, дознаваме дека Гаврил, за изработка на своите икони, за време на Турското робство набавувал материјал од Солун, за време на Бугарско од Софија, а во периодот кога е пишувано писмото (Српско) од Скопје.

Интересно е да се спомене иконата „Свети Јован Златоуст“, која е изработена на плех и е јужна олтарска врата во црквата во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово. Зографот Гаврил ја изработил оваа икона во 1897 година и при изработката, во нејзиниот долен десен агол оставил запис, цитираме: „Иконописец Гаврил Атан(асов) Македонец от село Берово, Малеш 1897 година“, не претпоставувајќи дека неговиот запис од иконата, на неговите сонародници ќе им биде аргумент за докажување дека македонската нација и Македонија не се од вчера, туку од многу, многу порано.

Свети Јован Златоуст од јужната олтарна врата на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово, потпишана „Иконописецъ Гавриилъ Атан. Македонецъ отъ село Берово Малешъ 1897 год.

Покрај тоа што главна преокупација на Гаврил Атанасов било зографството, т.е. иконосликарството, тој се занимавал и со фотографирање. Тој е првиот фотограф во Малешево, а можеби и пошироко. Покрај други, автор е и на фотографијата на која се наоѓа Даме Груев, по неговото убиство на врвот Петлец, кај селото Русиново во 1906 год. Тоа е таа историска фотографија направена по налог на Комисијата за идентификација на убиените комити, која требало да потврди дека е убиен големиот војвода, башкомитата Дамјан Груев. Низ Малешево постојат и други негови фотографии кои сведочат за значајни настани и личности од историјата на овој крај. Вистинска штета е што во 1934 година, заедно со куќата, изгорело и ателјето на овој малешевски фотограф, при што е уништен драгоцен фотографски материјал од историско значење.

Во обновената црква „Св. Богородица Балаклија“ во Берово, при нејзиното фреско-пишување, од страна на академскиот сликар Ѓорѓи Данев, насликан е и ликот на Гаврил Атанасов – Зограф, со што овој лик е овековечен за навек.

Зографот Гаврил Атанасов починал во Берово, 1951 година, во 88-та година од својот живот, опкружен од многубројните негови наследници.

(Видеото за беровецот Зографот Гаврил Атанасов е снимено од Македонската Радио Телевизија (МТВ)