Пехчево го доби првото доброволно противпожарно друштво, кое денес беше промовирано на плоштадот „Петар и Павле“.По минатогодишните катастрофални пожари во Малешевијата, група на граѓани пред еден месец го формираа доброволното друштво под името „Пехчевски пожарникари“ а денес беше презентирана новата опрема која е обезбедена самоиницијативо со средства собрани од граѓани на Пехчево, како и донација на возило од општината.
Моментало во доброволното друштво членуваат осум луѓе истакна престедателот на ДПД -Пехчево, додека целта на формирањето е од причина што во градот нема противпожарна служба, за брзо и превентивно дејствување за да се спречат катастрофални пожари доколку дојде до тоа.
-По катастрофалните пожари што ни се случија минатата година, група на граѓани го формиравме доброволното противпожарно друштво.За почеток имаме некоја донација мала опрема која еве денес ја презентираме пред граѓаните на Пехчево, која се состои од униформи, комбинизони, шлемови, напртњачи, а од општина Пехчево имаме и едно возило за гаснење на шумски пожари.Друштвото го создадовме со цел бидејќи во Пехчево нема противпожарна единица за брзо интервенирање и дејствување во случај на пожари.Официјално постоиме еден месец поточно од 17.06.2022 кога е и регистрирано друштвото, кое во моментот брои 8 волонтери и отворено е за секој кој сака да се приклучи – рече Дејан Вазлиски претседател на ДПД-Пехчево.
На денешниот настан, присуствуваше и градоначалникот на Пехчево, Александар Китански кој истакна дека друштвото со помош на општината ќе делува насекаде во Малешевијата и пошироко, а тимот на волонтери се луѓе кои се запознаени со справување во услови на пожари и други катастрофи.
– По иницијатива на група граѓани и со помош од Општината, за прв пат во Пехчево се формира новото противпожарно друштво, кое ќе делува превентивно на нашиот терен во нашата општина, каде има потреба за дејствување како во Берово и соседно Делчево.Ова се луѓе кои се запознаени со оваа проблематика и кои учествувале во најразлични акции за гаснење и справување со пожари.Интересот е голем и мислам дека во следниот период ќе имаме уште повеќе членови во доброволното друштвото и им посакувам среќа за понатаму и да немаат многу работа – рече градоначалникот на Пехчево.
Плановите на ДПД-Пехчево за во иднина се обезбедување на поголем фонд на опрема и подигање на поголемо ниво за кое во моментот имаат разговори со неколку амбасади за донација на противпожарно возило, а соработката со општина Пехчево во следниот период е во рамките на проект за изградба на гаражи каде ќе бидат сместени нивните противпожарни возила.
Првата акција на доброволното противпожарно друштво од Пехчево беше учество во гаснењето на пожарот над селото Митрашинци, каде нивните членови допринесоа за локализирање на неколкудневниот пожар во месноста „Диовица“.