ВЕРНИЦИТЕ МУСЛИМАНИ ОД БЕРОВО ГО СЛАВАТ КУРБАН БАЈРАМ

ВЕРНИЦИТЕ МУСЛИМАНИ ОД БЕРОВО ГО СЛАВАТ КУРБАН БАЈРАМ
јуни 28 08:17 2023

Со утринската молитва Сабах-намаза и потоа Бајрам-намаз, верниците од муслиманска вероисповед од Берово и целиот свет, денеска го слават Курбан-бајрам, ден познат како празник на жртвата, зашто се принесува жртва – курбан. Во Џамијата „Мехмет Бег“ во Берово се собраа верниците муслимани, кои со молитвата се приближуваат кон семоќниот Аллах, славејќи го празникот кој во себе ги споил сите принципи на исламот, хуманизам, хармонија во меѓу човечките односи и стремежот за мир и благосостојба.

Имамот на беровската џамија упати честитка поповод празникот Курбан Бајрам, посакувајќи им на сите верници здравје, радост и бериќет на нивните семејства и домови.

-Курбан Бајрам Мубарек Олсун. Аллах да ни го кабули постот и довите. ИншАллах. Џенаби Хак да ни овозможи уште многу спокојни бајрами. На вашите семејства радост, здравје на вашите домови бериќет, со саканите заедно уште многу бајрами со љубов да дочекате. Аллах (џџ) уште многу бајрами насип со саканите да ни овозможи. Бидете ми еманет на Аллах ! Со љубов, со дова со почит – истакна во својата честитка Тахир Еф.Дестанов.

Курбан Бајрам е познат како празник на жртвата и по традиција на овој ден се колат овни или крупен добиток кој потоа се дава на сиромашните граѓани.Со овој празник исто така се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

За Курбан-бајрам се посетуваат роднините и пријателите и се упатуваат честитки и добри желби за секој намерник, а се испраќаат пораки полни со солидарност, изрази на морална помош и пораки за што поскоро поминување на мачните и тешки денови.

Инаку денешниот ден е неработен ден за граѓаните од муслиманска вероисповед во Република Македонија.

  Категории: