Европскиот шампион од 2017 година, Вардар денеска му се реваншираше на Монпелје за поразот од мај во полуфиналето од Ф4 турнирот во Келн. „Црвено-црните“ покажаа дека се сè уште моќни и дека и во новата сезона ќе имаат што да покажат во Лигата на шампионите. Водени од новиот тренер Роберто Парондо му одржаа лекција на противникот и го нокаутираа на негов терен победувајќи го со 27:24.
Скубе ја отвори средбата со гол во 2. минута и донесе водство на Вардар кое се чуваше и во следните минути од натпреварот. Вардар постојано беше во предност, а Монпелје беше тимот што мораше да се враќа во мечот и да израмнува или да го намалува водството на Вардар кое во 10. минута стигна до два гола, 4:6.
Ова водство не траеше долго бидејќи домашните ракометари брзо израмнија на 6:6, па темпото на игра продолжи на ист начин. Вардар и понатаму го диктираше резултатот и покажуваше дека и со ваков состав може да му парира на противникот.
Имаше воство до 9:8 кога дојде до мал пресврт. Монпелје со два гола поведе, но тогаш следуваа и два гола на Вардар, па на одмор се замина со 12:11 во корист на „црвено-црните“.
На 9:9 беше клучниот момент кој и му овозможи на Вардар да има предност на крајот од првото полувреме, а причина беше голманот Дејан Милосављев. Од деветте одани во првите 30 минути, три ги забележа за само неколку секунди и тоа во серија
Почетокот на вториот дел одново беше во знакот на Вардар. „Црвено-црните“ тргнаа силно. Помогнати од расположениот Милосављев продолжија да го диктираат ритамот и да бидат во постојано водство. Имаа два или три гола предност и најавуваа бодови на овој дуел. Одбраната се снаоѓаше со противниците, а тоа даваше резултат.
Во нападот беа расположени сите. Скубе и Карачиќ одлично разигруваа, но и погодуваа. Борозан потсети на своите најдобри денови и биеше како од топ од далечина, додека Чупиќ беше одличен егзекутор на ударите од седум метри.
Таквата игра го однесе Вардар со плус три во последните пет минути, а на почетокот на последните две минути резултатот беше 27:23. До крајот домашните постигнаа само еден гол, а тоа беше премалку за нешто повеќе и вардарци се вратија со бодовите од гостувањето во Франција.
Конечните 27:24 беа доказ за играта на Вардар во која комплетно успеа да ги запре бековите на противникот, кои едноставно не можеа да го најдат патот до голот на Милосављев.
МОНПЕЛЈЕ – ВАРДАР 24:27 (11:12)
Сала: Палата на спортовите „Рене Буњол“ во Монпелје. Судии: Михал Бадура и Јарослав Ондогрекула од Словачка. Делегат: Антонио Гулау од Португалија.
МОНПЕЛЈЕ: Жерард (12 одб.), Портнер, Симоне 2/2, Кауз 1/2, Трухановичиус 0/4, Гребил 1/1, Петерсон 2/2, Ричардсон 2/7, Кавтичник 6/6, Бонефон 2/2, Фаустин 2/3, Порт 3/5, Бинго 2/2, Афгур, Суси, Мамуд 1/5.
Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.
ВАРДАР: Милосављев (15 одб., 1 сед.), Кизиж, Оцвирк, Поповски, Кристопанс 3/8, Фереира 1/5, Карачиќ 2/3, Скубе 5/6, Калараш, Чупиќ 6/6, Дибиров 1/2, Шишкарев 0/1, Борозан 8/11, Војводиќ, Кисељев 1/3, Мишевски.
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.
Извор: 24rakomet.mk