Блаже од Кавадарци е момчето кое доби бубрег од Верица Белчовска.

Блаже од Кавадарци е момчето кое доби бубрег од Верица Белчовска.
април 17 21:48 2021

Семејството Сапунџиеви од Кавадарци вечерва преку изјава за МИА се заблагодари за донираниот бубрег за нивниот 28-годишен син Блаже.

Мајката Форка рече дека сочувствуваат со семејството на младата девојка Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, но изрази благодарност за хуманиот гест да ги подарат органите кои некому многу му значат.

– Трансплантацијата помина успешно. Добар е. Не нѐ пуштија да го видиме, но не инсистиравме, важно е да е се во ред со него, докторите најдобро знаат како треба – рече мајката.

Таа појасни дека нејзиниот син одамна имал проблеми со здравјето, а нивна најголема желба била тие проблеми да се надминат.

– До деветгодишна возраст, пет години беше на дијализа. По деветтата година, јас му дадов еден мој бубрег. Мојот бубрег траеше 18 години и после тоа откажа. Повторно беше една ипол година на дијализа – раскажа мајката со многу емоции.

Со денешната трансплантација, едниот бубрег го доби ова момче, а другиот беше трансплантиран кај 40-годишен пациент.

– Многу ми е жал за девојчето кое многу младо загинало во сообраќајна несреќа. Судбината сакала на ваков начин да ги поврзе нашите две семејства. Засекогаш ќе бидеме благодарни за овој хуман гест, а Верче ќе продолжи на некој начин да живее преку нашиот Блаже и преку другите на кои им се донираат нејзините органи – изјави мајката на Блаже Сапунџиев.

  Категории: