Берово – Мала Швајцарија на Балканот.

Берово – Мала Швајцарија на Балканот.
март 24 12:15 2018

Ако сакате да дознаете од каде изгрева сонцето во Македонија, упатете се на исток кон малото планинско гратче Берово, сместено под падините на Малешевските планини, обиколено со борова, букова и дабова шума. Низ крошните и височините на дрвјата, ѕирка Беровското езеро кое Ви дава чувство на недопрена убавина, која вреди да се види и доживее. Ако решите да го посетите Берово, не брзајте да стигнете порано. Искачувајќи се кон преубавиот зимски планински предел ќе ја поминете Мискиџиовата чешма и ќе стигнете до Обозна – највисокото место, со надморска височина од од 926 метри.

berovo zima Balkon3

Тука застанете, излезете од автомобилот и вдишете длабоко. Ќе го почувствувате чистиот планински воздух со највисока концентрација на кислород и ќе ја осетите острината на планинскиот ветер. Во далечината ќе ги забележите планинските врвови покриени со снежната кристална белина и тогаш ќе се уверите во беспрекорната убавина што не е нималку помала од убавината на Швајцарските Алпи. Токму затоа на Берово многумина го нарекуваат и Мала Швајцарија.

Berovo 2

Берово како револуционерен град, познат по славните Дедо Иљо Малешевски и Димитар Беровски, има околу 10.000 жители кои го чуваат културно-историското наследство и ја негуваат традицијата, музиката, храната, фолклорот.
Следењето на старите техники и користењето на современи инструменти за создавање разновидни производи е карактеристика на поголемиот број занаети во Малешевијата. Копаничарите од малешевскиот регион се познати по квалитетната изработка на секаков вид резба – плитка, длабока, скулптурна. Кујунџиството и златарството како занаети биле неразделен дел од секојдневниот живот на Малешевци, а чевларството како занает има длабоки корени во Малешевијата.

berovo 1 berovo5

Пробајте оваа зима одморот да го минете во Берово. Модерните хотели кои ја задржале автентичноста на малешевската традиција ќе Ви понудат вкусна, еколошки здрава хранаПрепорачувам да го пробате Малешевското (Беровско) сирење, биено сирење, жежено сирење, кашкавал, буламач, урда, матеница, како и специјалитетите од малешевски компир комбиниран со клиси, а за десерт, колач од шумски диви плодови набрани од природата.
А кога изморени од прошетките низ планинските патеки и од посетата на старовековните цркви Св. Архангел Михаил, Пресвета Богородица и Рождество на Пресвета Богородица, ќе се вратите во топлата соба во која се слуша само пуцкањето на дрвата од каминот, напијте се чај од лековити билки. Тоа ќе Ве опушти и ќе Ви даде енергија за наредниот ден. Ако сте малку настинати и кашлате, воопшто не грижете се. Во Берово речиси на секо чекор може да се најде надалеку познатиот боров сируп кој за ден-два ќе ги исчисти белите дробови и ќе направи да се почувствувате здрави и среќни.
Да се дочека Новата Година со саканата личност и семејството во планинските вили во туристичката населба Абланица далеку од звукот на градот и цивилизацијата е вистински благодет. Абланица е оддалечена од Берово само четири километри. Таму може да се доживее вистинска планинска бајка и да се ужива во зимската магија, која може да ја создаде само зимата.

berovo_ablanica

Уникатен белег на Берово му даваат питите и качамакот на мештаните. Никогаш нема да го заборавам вкусниот зелник на баба Живка Димитриевска, зачинет со нејзината срдечност и љубезност.

berovo_zelnik

Таа е една од многуте луѓе во Берово, кои ќе ви понудат гостопримство иако не ве познаваат, ќе ве послужат со слатко од сливи или диви јагоди и со сок од бозел. Ќе ви зборуваат за Берово, а вие ќе посакате уште долго, долго да останете во таа убавина, која нивните приказни ја прават привлечна како магнет.

ИЗВОР: balkon3

  Категории: