СТАВ: ДАЛИ ДЕДО ИЉО МАЛЕШЕВСКИ ЗАСЛУЖУВА ДОСТОЈНО СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ВО БЕРОВО?

СТАВ: ДАЛИ ДЕДО ИЉО МАЛЕШЕВСКИ ЗАСЛУЖУВА ДОСТОЈНО СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ВО БЕРОВО?
април 28 19:46 2023

Градот Берово, Малешевијата и цела Македонија, се гордее со големите револуционерни имиња кои потекнале од овој крај како што се: Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп-Георгиев Беровски, Никола Петров Русински, Атанас Раздолов, Никола Малешевски и други. Овие личности оставиле голем траг во историјата на Малешевијата. Со нивната кауза за слобода и слободна самостојна држава на македонскиот народ, достојно застанале во одбрана на својот град и држава од непријателите.

Еве денес одбележуваме 125 години од смртта на нашиот голем војвода и синонимот на Берово, бестрашниот човек кој е роден во Берово, Дедо Иљо Малешевски, кој во 1898 го загубува својот живот во Ќустендил. Но дали на родениот Беровчанец Иљо Марков Малешевски, на кого сите му оддавале почит за неговите храбри дела, доволно е одбележан споменот и во нашиот град Берово.

На местото каде била неговата куќа во Берово, денес останува неуредено, одбележано само со натписна полоча на која пишува дека овде била неговата куќа и две мали фигури кои стојат во неискосената трева и скршена клупа, поставени пред повеќе од 10 години. Освен тоа единствено споменикот со ликот на нашиот војвода Дедо Иљо Малешевски го краси истоименото основно училиште во Берово, а во хотелот „Манастир“ и Музејот на градот, можат да се најдат историски факти, дел од облеката која ја носел и оружјето со кое се борел против непријателот.

Дали е доволно сето тоа и дали заслужува градот достојно одбележување на ликот и делото на Иљо војводата од Берово? Секако дека да, но никој до сега не преземал поголем интерес да го овековечи неговото место и куќа на раѓање.

Порталот Малеш Нет во 2021 година поднесе иницијатива до Советот на Општина Берово, за достојно обележување на спомен местото на нашиот херој и белег на градот Дедо Иљо Малешевски. Во склоп на оваа иницијативата безрезервна поддршка даде и компанијата „Зегин“ и г-дин Благој Механџиски, кој ќе учествува во донација за поставување на фонтана во чест на Верица Белчовска, која исто така беше поднесена од наша страна.

Во иницијативата предложивме да се постави спомен-обележје, да се осветли местото каде што била неговата куќа и да се постави дигитална рамка на која ќе бидат презентирани информации за ликот и делото на Дедо Иљо Малешевски, со што ќе се збогати туристичката понуда на Берово и ќе остави и долготраен спомен за идните генерации. Советот на Општина Берово едногласно ја поддржа оваа иницијатива, што упатуваме благодарност до нив, но сепак до ден денес нема ништо реализирано во однос на поднесената иницијатива од наша страна.

Сакаме да упатиме на важноста за итно спроведување на овој предлог од наша страна до Општина Берово. Целта не ни е да не сфатат негативно со овој текст, туку веруваме дека сите граѓани на Берово и Малешевијата па и сите посетители би биле благодарни во одбележувањето на спомен-куќата на Дедо Иљо Малешевски.

  Категории: