ОД ДЕНЕС ЗАПОЧНУВА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2021

ОД ДЕНЕС ЗАПОЧНУВА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2021
септември 27 18:50 2021

За првпат на овие избори граѓаните ќе може да гласаат со истечена лична карта, а ќе се користат и читачи на отпечатоци. Вторпат се одржуваа избори во време на корона. Кампањата официјално започна на 27 септември, но партиите „ловот“ на гласови го започнаа многу порано, со промоции на терен и средби со граѓани, а и на социјалните мрежи постојано трае меѓусебното препукување и обвинување.

ДИК го утврди редоследот на гласачките ливчиња, а партиите кои ќе учествуваат на изборите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. На овие избори имаме две меѓуетнички предизборни коалиции. Од едната страна е коалицијата на владејачките партии СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА, а се окрупни и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ, склучи предизборна коалиција од партиите од албанскиот блок Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Деветнаесет дена на располагање за изборна кампања ќе имаат партиите и независните кандидати за првиот круг од претстојните локални избори. Изборната кампања за првиот круг од локалните избори, согласно Роковникот на Државната изборна комисија почнува на 27 септември во 00 часот и ќе трае до 15 октомври. Вториот круг ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Централниот настан на СДСМ за почеток на кампањата ќе биде во Битола, а завршниот настан ќе биде во Куманово на 15 октомври. ВМРО-ДПМНЕ традиционално почнува од Охрид, а ќе заврши во Штип. Кампањата за локалните избори ДУИ ќе ја почне и заврши во Гостивар. Беса стартува од Скопје, а својата кампања ќе ја заврши во Тетово. Во Тетово ќе заврши и кампањата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, а ќе почнат од Чаир.

На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите. Јавниот увид во Избирачкиот список траеше од 21 до 9 септември. На 24 септември Избирачкиот список е заклучен, а треба да биде потпишан до 1 октомври.

Државната изборна комисијата (ДИК) информираше дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за претстојните локални избори закажани за 17 октомври. На изборите ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани.

За градоначалничката функција пак во Берово ќе се борат четворица кандидати и тоа:

Со реден број 7 – Елеонора Рашковска- предложена од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,

Со реден број 12- Звонко Пекевски – предложен од коалицијата предводена од СДСМ,

Со реден број 17- Горанчо Костевски- предложен од политичката партија РОДИНА МАКЕДОНИЈА,

Со реден број 20 – Горан Алачки- предложен од политичката партија ИНТЕГРА-МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА  

како и четири кандидатски листи за советници и тоа:

Со реден број 2 – Движење ,,Одлучно за промени”-ЛДП и ДОМ,

Со реден број 7- ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈА ,,ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА,

Со реден број 12- Коалиција ,,НАЈДОБРОТО  ЗА МОЈАТА ОПШТИНА” предводена од СДСМ

Со реден број 20-ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА.

  Категории: