МОНИТОРИНГОТ НА ВОДАТА ВО БЕРОВСКО ЕЗЕРО ПОКАЖА ДЕКА Е СИЛНО ЗАГАДЕНА!

МОНИТОРИНГОТ НА ВОДАТА ВО БЕРОВСКО ЕЗЕРО ПОКАЖА ДЕКА Е СИЛНО ЗАГАДЕНА!
декември 23 15:46 2021

Мониторингот на водите на Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро се во Класа 4, што значи дека тие се силно еутрофични. Нивните води може да се употребува за други намени само по одредена обработка.

До вакви сознанија се дојде по мониторингот на квалитетот на водите од трите езера што оваа година го спроведе Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“.

Според овој мониторинг загадувањето на Беровско и Тиквешко Езеро на есен веројатно доаѓа прекумерна употреба на ѓубрива во земјоделството, нетретирани комунални води и испуштања од фарми или пречистителни станици.

Во Дојранско и Тиквешко Eзеро се детектирани колиформни бактерии од фекално потекло, кои ги класифицираат езерата во Класа 3 и 4. Микробиолошко загадување од Класа 3 значи дека водите може да се употребуваат за наводнување, а по обработка и во индустријата на која не ѝ е потребна вода со квалитет за пиење, додека загадувањето од Класа 4 не дозволува оваа вода да се користи за рекреација. На локални фекални загадувања укажуваат и концентрациите на нитритите кои варираат во текот на пролетната и есенската сезона во сите три езера, па има повремена појава на концентрации во Класа 3-4. Нитритот е многу токсичен за рибите и целиот жив свет.

Во Дојранско Езеро не се детектирани мерливи концентрации на вкупен фосфор.

Кога станува збор за растворени метали во водите, во Дојранско Езеро, концентрациите на бакар покажуваат пречекорувања во одредени проби во пролетните и есенските мерења и се категоризирани во Класа 3-4. Во есенските мерења е детектирано пречекорување и кај железото. Во Тиквешко Езеро на есен се јавуваат благо зголемени концентрации на олово и значително зголемени концентрации на кадмиум. Хроничната изложеност на кадмиум може да доведе до големи негативни ефекти врз водните организми и заради тоа треба да се извршат дополнителни истражувања за да се утврди изворот на овој токсичен метал.

Според хемиската потрошувачка на кислород во водите, која исто така претставува показател за загаденоста на водите, Дојранско Eзеро достигнува Класа 3, додека водите од Тиквешко и Беровско Eзеро се класифицираат во Класа 2. Зголемената хемиската потрошувачка на кислород во Дојранско и Тиквешко Езеро е поради високи нивоа на растителна материја во распаѓање, а состојбата ја влошуваат комуналните и индустриски отпадни води, додека во Беровско Езеро, на есен, се должи на енормното намалување на нивото на водата во езерото.

Мониторингот беше спроведен од април до ноември оваа година за да се утврди квалитетот на водата во трите езера, кои се користат за различни намени – туризам и рекреација, наводнување и водоснабдување, и тоа во два периода од годината – на пролет кога се полнат со вода и на есен кога нивото на сите езера е на најниско ниво.

Според намената и степенот на чистотата на водите, тие се распоредуваат во 5 класи, и тоа: Класа 1 – многу чиста, олиготрофична вода, Класа 2 – малку загадена, мезотрофична вода, Класа 3 – умерено еутрифична вода, Класа 4 – силно еутрофична, загадена вода, и Класа 5 – многу загадена, хипертрофична вода. Мониторингот и хемиските анализи ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“, а микробиолошките анализи беа направени во Центарот за јавно здравје – Штип.

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.