МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ ОД БЕРОВО: СО КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ ГО РАЗДВИЖУВАМЕ ТУРИЗМОТ ВО МАЛЕШЕВИЈАТА

МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ ОД БЕРОВО: СО КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ ГО РАЗДВИЖУВАМЕ ТУРИЗМОТ ВО МАЛЕШЕВИЈАТА
јуни 27 14:31 2022

Берово и Малешевијата е значаен регион каде е потребно во континуитет да се развива туризмот од сите аспекти, а еден од проектите кој е од особено значење за подобрување на условите за развој на туризмот е проектот за реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско Езеро, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во рамки на денешната работна посета на Берово.

Министерот Бочварски заедно со градоначалникот Звонко Пекевски разговараше и за останати проекти за развој на градот, за туризмот и пограничната соработка, посочувајќи дека градежната офанзива продолжува со силна динамика и насекаде низ државата.

-За нас е најважно капиталните инвестиции во континуитет да се реализираат, бидејќи градежништвото во овие времиња на светска економска криза мора да го држиме на високо ниво заради стабилизирање на економскиот раст на државата. Инвестициите во целокупната инфраструктура се неопходни и заради потребата да создадеме услови за подобар живот за граѓаните. И тоа и го правиме. На терен имаме силна градежна офанзива во изградба на патишта, водоводи и канализации, континуирно вложуваме средства во проекти кои значат и поквалитетни услови за живот, рече Бочварски.

Со проектот кој е во вредност од 7,3 милиони денари заедно со Општината, реконструиран е дел од постоечка водоводна мрежа во туристичката населба Беровско Езеро, како и изведба на нова секундарна водоводна мрежа и поврзување на претходно изградениот резервоар во оваа туристичка населба.

-Изведбата е при крај, останува испитување на новата мрежа и асфалтирање на делови од патот. Ова е заокружување на претходно изградената фекална канализација исто за оваа населба со што веруваме дека значително се подобрени условите за развој на туризмот во овој дел од градот. Преку средства од Централниот буџет вложивме средства и за изградба на: систем за водоснабдување на населеното место Ратево, за цевковод за снабдување со вода за пиење на населеното место Двориште. Исто така, го реконструиравме и локалниот пат во Двориште, ја реконструиравме и делницата од Берово до туристичката населба, додаде Бочварски.

Министерот нагласи дека е во постојан контакт и со мешовитата комисија со која заеднички се работи на отворање на граничниот премин Клепало, кој според него ќе придонесе за дополнителен развој на туризмот и раздвижување на локалната економија, потенцирајки дека капиталните проекти ги движиме со силно темпо насекаде низ државата и само на овој начин ќе придонесеме за подобри услови за граѓаните. Проектот кој Општина Берово го реализира преку  Министерството за транспорт и врски, како што додаде градоначалникот Пекевски, е вториот проект од средствата од Европската инвестициска банка, кој се однесува на изградба на примарна водоводна мрежа на туристичката населба Беровско Езеро.

-Општина Берово од 2017 година од прекуграничната програма Република Северна Македонија – Република Бугарија реализираше проект изградба на филтер станица која сега со изградбата на нов цевковод практично за извесен период ќе овозможи да почне водоснабдувањето на викендиците во туристичката населба Беровско Езеро со чиста вода за пиење, рече Пекевски.

Средствата, како што додаде градоначалникот, се обезбедени претходно врз основа на соодветно поднесена техничка документација, преку избран најповолен понудувач и стручен надзор.

-Изведувачот е при крај со работите, така што верувам дека на задоволство на сите за извесен временски период ќе профункционира целосно, значи првата фаза со филтер станицата и цевководот ќе овозможи да почне да течат изработката и приклучоците на секундарната мрежа и приклучоците кон самите домаќинства, дополни Пекевски посочувајки дека целта е редовно снабдување со вода за пиење на луѓето од туристичката населба.

  Категории: