КОЛУМНА:КОГА СЕКОЈ ОД НАС БИ РАЗМИСЛИЛ КАДЕ Е И ШТО ПРАВИ,МОЖЕБИ СВЕТОТ МАЛКУ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ

КОЛУМНА:КОГА СЕКОЈ ОД НАС БИ РАЗМИСЛИЛ КАДЕ Е И ШТО ПРАВИ,МОЖЕБИ СВЕТОТ МАЛКУ ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ
декември 29 12:17 2021

Пишува:Даница Младеновска

Кога пред некои 30-тина години се среќававме со писанијата дека сите борби на човекот многу скоро ќе се сведат на борба за опстанок, за здравје, за чист воздух и чиста вода, за здрава храна , се некако ни се чинеше дека тоа се теории за да биде “шарен муабетот” и дека се тоа е далечно идно време.

Времето покажа а особено случувањата со ковид пандемија дека таа борба одамна е почната, кулминацијата и се случува, данокот и се плаќа на големо. Најлошото допрва следува. Големите, моќните сили веќе се обидуваат да ја контролираат пренаселеноста на земјата и успеваат, контролата над храната одамна се врши. Преголем е процентот на индустриската надмоќ над се она што човекот го користи за својот лагоден краткотраен престој на земјата.

А зад себе се остава пустош со невидени размери. Изгорените шуми и уништениот жив свет во нив ги гледаме со голо око, ги гледаме пустошите зад поплавите, зад ненормалните долготрајни суши, зад климатските промени во целина. А не можеме да видиме што пустошат низ нашите тела полните кеси се и сешто од маркетите, нормално дури не се најдеме на тесно и уништени, и пак, пак не веруваме дека се тоа е данокот на цивилизацијата и модернизацијата, на уништивачката хемиска индустрија, на зависноста што му ја наметнале на секој човек поединечно и на општествените системи во целина. А човекот, или преголем дел од човештвото сеуште спие и не е свесен што се случува.

Будните се обидуваат иако мачно, да даваат отпор, ги напуштаат удобните цивилизациски придобивки и се враќаат во природата, на дедовната со години оставена да пустоши. И се враќаат на земјата да и ги возобноват космички дадените вредности, да не храни и одржува како најнапреден вид што ја населува. Но, за жал иако имаат подршка, иако се омасовува тенденцијата за враќањето кон природните предности, сепак посилни и помоќни се оние другите што сакаат малку замор, малку труд, лесен живот па, макар и сиромашен. Човекот низ времето назад многу скоро одкако еволутивно се кренал на две нозе како да не сака да признае дека само она што го создал со двете раце, што го произвел како храна на свое парче не затровена земја, е негова света придобивка. А тоа е закон што трае со векови и векови.


Се чувствувам будна и свесна за тековите на случувањата, по случајност или по карма упаднав во една прекрасна будна заедница со луѓе што ги ценат природните вредности, што даваат секаков отпор на индустриското производство, што произведуваат своја храна, што рециклираат се што дава да се рециклира, што одамна потценетиот поим екологија го практицираат за себе и за општо добро. А био производството како молитва го учат секој нов ден, одново дополнувајќи го со нови знаења.
Си го закачив како мое хоби и практично, но и корисно трошење на времето. Себереализирањето ми доби нови суштински поинакви димензии оддалечени од идиотските цели на цела една армија робови на лагодноста, дремачи во сенка.
И успевам во се да се пронајдам и на се што можам да му дадам смисла во придонес на веќе почнатата будна и свесна борба за опстојување на глобалниот свет. Капка сум , една капка не чини порој , но повеќе капки знаат да создадат големи порои дури и море , знаат да бидат мокро тло на кое ќе растат промени.

Мојот труд, моите напори, љубовта моја вградена во био производството на сопствена храна по свој избор, се повеќе од нагредени. Тоа не се пари за награда што шушката во џебовите, што легнуваат на сметките во банките, тоа не се полни кеси етикетирани сладурии, завиткани со светкави амбалажи , тоа се кошничка по кошничка мераци, љубов, задоволство. Тоа е нешто што нема цена, на кое навлекуваш зависност и нетрпеливо го чекаш секое одновно почнување, секоја смена на годишните времиња, секоја нова сезона. Некои сликички си ги чувам небаре да ме мотивираат, а мотивацијата ( себе си, си кажувам во доверба), одамна пуштила корени кај мене, ме боцка во прстите, ми тапка под стапалата.

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.